Земјоделците имаат право на субвенции и од програмата за финансирање на земјоделски производители на храна за 2024 година. Грантот се однесува за инвестиции во набавка на опрема и користење на услуги за развој на семејни бизниси.

Висината на финансиската поддршка е до 600.000 денари по корисник за трошоци за набавка на опрема за производство, доработка и преработка на храна.

Корисници на овие субвенции можат да бидат земјоделски стопанства запишани во регистарот на Министерството или евидентираните земјоделци како оператори со храна од неживотинско потекло.

За доделување на финансиската поддршка, Министерството објавува јавни повици, а еден корисник може да поднесе само едно барање.

Покрај другите документи потребен е и деловен план со најмалку три понуди од различни понудувачи за истиот вид на наведени планирани трошоци.

Доделувањето на грантот е по принципот е прв дојден, прв услужен се до исцрпување на средствата, а доколку останат пари, можат да бидат искористени за друг јавен повик.

Одобрените средства во вкупниот износ се исплаќаат авансно на сметката на корисникот.

Купената опрема за производство на храна, не може да се отуѓува во период од пет години од денот на нејзината набавка.