Овчарите ќе добиваат субвенција од по 600 денари за животно доколку имаат стадо од најмалку 30 овци. По 1.400 денари им следува ако го продале своето производство на месо и млеко во кланици или млекарници. За предаденото млеко ќе се добиваат по 6 денари за литар за најмалку 300 литри месечно.

По 600 денари за животно, ќе добиваат овчарите кои имаат минимум 30 обележани овци и ќе ги чуваат најмалку до 30 ноември 2023 година, а по 1.400 денари за оние кои го продале своето производство на месо и млеко во кланици или млекарници. Истата субвенција ја добиваат и одгледувачите на најмалку 10 кози.

Производителите на овчо и козјо млеко, регистрирани како одгледувачи на овци и кози кои сопственото производство го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или искористено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет во периодот од октомври 2022 до декември 2023 година, ќе добиваат по 6 денари за литар произведено и предадено млеко.

Минималната прифатлива количина за која ќе се добиваат субвенции изнесува 300 литри месечно по земјоделско стопанство.

Дополнителни субвенции следуваат и за предадено јагне или јаре. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои тоа го направиле во регистриран кланичен капацитет во периодот од 1 јануари 2023 година до 25 декември 2023 година.

Висината на дополнителните директни плаќања изнесува 400 денари за животно предадено во регистрирани кланични капацитети.