Овоштарите директните плаќања ги добиваат по 4 основи. Парите се наменети за одржување на овоштарниците, за предаденото овошје во домашните преработувачки капацитети и за подигнување на насади со нови сорти. Пријавувањето е до 1 јули, а право на субвенции имаат и производителите на домашни овошни садници…

Корисници на финансиската поддршка во овоштарството се земјоделските стопанства кои имаат насадени површини од минимум 0,2 хектари збирно за сите видови овошки.

Финансиската поддршка изнесува 12.000 денари по хектар.

Доколку се пријавени поголеми површини таа скалесто се намалува. Од 0,2 до 5 хектари субвенцијата е 100 проценти, од 5 до 30 е 60 и над 30 хектари е 30 насто за секој култура одделно.

Услов е да се одгледуваат одреден минимален број на садници по хектар во зависност од сортата.

За производството на јаболко предадено на регистриран откупувач, за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, за домашни потреби или за продаденото на пазар се добиваат по 30.000 денари за хектар. За слива и праска субвенцијата изнесува 25.000, а за вишна, цреша, кајсија и круша е по 22.000 денари.

По 3 денари за килограм можат да добијат и производителите на праска, вишна, малина, капина, кајсија, јагода и калинка доколку ги предадат во конзервната индустрија од 26-ти декември 2023-ра до 25-ти декември 2024 година.