Овоштарите директните плаќања ги добиваат по 4 основи, парите се наменети за одржување на овоштарниците, за предаденото овошје во домашните преработувачки капацитети и за подигнување на насади со нови сорти. Право на субвенции имаат и производителите на домашни овошни садници.

Корисници на финансиската поддршка во овоштарството се земјоделските стопанства кои имаат насадени површини од минимум 0,2 хектари збирно за сите видови овошки.

Финансиската поддршка изнесува 12.000 денари по хектар. Доколку се пријавени поголеми површини таа скалесто се намалува. Од 0,2 до 5 хектари субвенцијата е 100 проценти, од 5 до 30 е 60 проценти и над 30 хектари е 30 насто за секој вид одделно. Услов е да се одгледуваат минимален одреден број на садници по хектар за секоа сотра посебно.

За производството на јаболко предадено на регистриран откупувач, за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, за домашни потреби или за продадено на пазар се добиваат по 30.000 денари за хектар. За слива и праска субвенцијата изнесува 25.000, а за вишна, цреша, кајсија и круша е по 22.000 денари. Висината на дополнителните директни плаќања за јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка изнесува 13.000 денари.

По 3 денари за килограм можат да добијат производителите на праска, вишна, малина, капина, кајсија, јагода и калинка доколку ги предадат во конзервната индустрија од 26 декември 2022 до 25 декември 2023 година, а за јаболкото од 15 септември минатата, до 15 мај оваа година.