Сточарите и годинава ќе добијат државна финансиска помош. Најголем дел од парите се наменети за одржување на бројноста на стадата. Субвенција за кравјото млеко е 5, а за овчото и козјото 6 денари за литар произведено и предадено млеко на регистриран откупувач. Пријавувањето е до 1-ви јули…

Корисници на средствата се земјоделските стопанства кои стадото ги имаат обележано и евидентирано и го чуваат најмалку до 30-ти ноември 2024 година.

Сточарите имаат право и на субвенции за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци, а висината на директни плаќања изнесува по 4.000 денари за бројност до 100 грла. За поголемите стада финансиската поддршка скалесто се намалува.

Дополнително по 8.000 денари за животно постаро од една година ќе добиваат оние сточари кои го предале своето производство на месо и млеко во преработувачки капацитети.

Производителите на говедско месо кои имаат минимум 30 говеда ќе добиваат по 1.500 денари за женско грло.

Дополнителни директни плаќања има и за оние кои продале во преработувачки капацитети, телиња не постари од 24 месеци со минимална тежина од 450 килограми, а услов е да се чувани најмалку три месеци во одгледувалиштето. Висината на субвенцијата е 4.000 денари за животно.

За предаденото млеко од октомври 2023-та до декември 2024 година, се добиваат по 5 за кравјо и 6 денари за литар за овчо и козјо млеко.