Финска е подготвена да го зголеми учеството во повеќегодишниот буџет на Европската унија по 2020-та година, за да го компензира излегувањето на Велика Британија од Унијата. Тоа го изјави министерот за прашањата на Европа, културата и спортот Сампо Терхо.

„Можеме да се движиме околу 1 процент – нагоре или надолу – во зависност од конкретното трошење на средствата“, рече министерот на новинарите.

 

Шведска и Данска, исто како Холандија и Австрија, кои се значителни за внесувањето на средства во Буџетот на ЕУ се против било какво зголемување на придонесите од сегашното ниво од 1 процент од бруто домашниот производ (БДП) на секоја од земјите, потсетуваат агенциите.

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ, како и потребата да се финансираат новите политики во сферата на миграцијата и одбрана, создаваат тешкотии на 27-те преостанати земји членки, бидејќи во европските финансии се појавува „дупка“, оценувана од Европската комисија на 12 до 15 милијарди евра годишно.

Европскиот комесар за Буџетот, Гинтер Јотингер предложи националните придонеси да бидат 1,1 или 1,2 отсто од БДП-то по 2020-та година.

Јотингер е во Хелсинки во рамките на турнејата кај земјите членки, за да ги убеди да го поддржат зголемувањето на европскиот буџет. Тој изрази задоволство од поддршката на Финска за плановите на Комисијата.

ЕК треба да го објави официјално предлог за Буџетот за периодот 2021-2027 година на 2-ри мај. Брисел се надева тој да биде одобрен до изборите за Европскиот парламент во 2019-та година.