Секој што има идеа за водење бизнис, ќе може за само едно евро да основа друштво со ограничена одговорност. Ова го предвидува Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва што денеска го помина првото читање пред собраниската Комисија за економски прашања.

Според предлог-измените, се менуваат и глобите кои за микро и малите фирми тие ќе бидат помали, а за средните и големите, поголеми.

– Значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување – рече заменик-министерот за економија, Зоран Маневски.

Предложено е укинување на двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што во сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.