100-те најголеми компании по приход во државава заеднички успеале да соберат 10,3 милијарди евра на нивните сметки, покажуваат податоците на платформата БизнисМрежа.мк. Притоа, во предвид ги земаме приватните компании, но не и банките и осигурителните друштва. Под лупа го ставаме стопанството, анализира порталот „Пари“.

На прво место на листата се наоѓа „Џонсон Мети. Оваа британска компанија за катализатори на возила, своето овдешно производство го пласира кај кооперанти од врвната автомобилска индустрија низ светот, па така комапнијата со најголем промет, всушност тој промет не го реализира во земјава. „Џонсон Мети“ минатата година направил приход од 2 милијарди евра. Колку за споредба, колку пари се ова за нашата економија, целата државна каса за годинава е планирано да се наполни со 4 милијарди евра. Така, приходот на „Џонсон Мети“ е точно колку половина од државниот буџет. Ова и овозможило на британскта компанија кај нас да создаде добивка од 79,8 милиони евра.

СЕКОЈ ДЕН „МАКПЕТРОЛ“ ПРАВИ ПРОМЕТ ОД 1 МИЛИОН ЕВРА

Следните три места се резервирани за компании кои се поврзани со сечие секојдневие – и на компаниите и на домаќинствата, па и не е ни чудо што кај нив се најголемите приходи.

На второ место по приход е „Окта“. Компанијата која е трговец со нафтени деривати, лани направила промет од 426 милиони евра. Ова на компанијата и донело добивка од 6,1 милиони евра. Бизниот со деривати му донел на „Макпетрол“ трето место по приход. Во оваа компанија, граѓаните и фирмите оставиле 365,5 милиони евра, односно по 1 милион евра дневно, и ова довело до добивка од 22,3 милиони евра. Бизнисот со струја пак, на компанијата која е универзален снабдувач, односно преку која со струја се снабдуваат сите домаќинства и околу 60.000 компании кои се на регулираниот пазар, на ЕВН хоум и донел загуба од 704.000 евра, иако компанијата остварила промет од 336 милиони евра. На 9-то место по приход е компанијата од телекомуникацискиот сектор – Македонски телеком со приход од 184 милиони евра и добивка од 28 милиони евра.

ТОП 10 најголеми компании по приходи

Од податоците може да се види дека добро и оди на компанијата Еуроникел индустри која всушност стопанисува со добро познатиот во јавност капацитет за преработка на никелова руда – фабриката „Фени“ во Кавадарци. Компанијата направила промет од 233 милиони евра и тоа и донело добивка од 5 милиони евра.

„Кромберг & Шуберт“ е компанија со најголем број на вработни во државава. Таму има 5.368 вработени. Германската компанија која ја опслужува автомобилската индустрија, во 2020 година имала уште повеќе вработени – 5.545. Компанијата направила промет од 211 милиони евра и имала добивка од 2,5 милиони евра.

Извонредно висока профитабилност имала компанијата ИГМ – трејд. Во друштвото на ТОП 10 компании по приход, ИГМ трејд со приход од 183 милиони евра успева да оствари дури 51 милион евра добивка, со што учеството на добивката во вкупниот приход е 27,9%. Оваа компанија е од секторот металургија.

„Од своето основање како трговско друштво во 1994 година, ИГМ-Трејд брзо се развива како гринфилд инвестиција и станува еден од најголемите производители на челични заварени цевки и профили во Југоисточна Европа. Денеска имаме над 450 вработени кои работат во нашите простории во Кавадарци на површина од 400.000 м2 со покриен простор од 280.000 м2.

Нашите производствени капацитети имаат комбиниран годишен капацитет од 200.000 тони годишно. Континуирано инвестираме во нова технологија со цел да ја одржиме нашата позиција како лидер на пазарот“, пишува на официјалната страница на компнаијата.

ИМА САМО 5 ВРАБОТЕНИ, А ПРАВИ МИЛИОНИ

На 7-мо место по приход е Друштво за продажба на енергија ГЕН-И ПРОДАЖБА НА ЕНЕРГИЈА ДООЕЛ Скопје. Интересен факт е што оваа компанија има само 5 вработени, а на македонскиот пазар остварила промет од 195 милиони евра и добивка од 363.000 евра.

На официјалната страница на компанијата пишува дека работи во повеќе од 20 земји.

„Работејќи во повеќе од 20 земји, ги поврзуваме Германија и Франција на запад, со Грузија и Турција на исток. Нашето глобално присуство на големопродажните енергетски пазари ни овозможува да формулираме голем број синергии преку нашата широка пазарна експертиза, високо квалификуван трговски персонал, ефикасна организација и деловни процеси кои се одржуваат според највисоките стандарди“, информира компанијата.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/firma-vo-makedonija-pravi-prihod-kolku-polovina-drzaven-budzet/