Компаниите што учествуваат на државните огласи се соочуваат со трикратно повисоки трошоци за тендерски жалби според изгласаните измени на Законот за јавните набавки. Покрај зголемениот надоместок за водење постапка од 150 до 600 евра, новите правила предвидуваат фирмите сами да го платат својот адвокат дури и кога Комисијата целосно ќе ја прифати нивната жалба. Правниците и граѓанскиот сектор предупредуваат на намалена контрола врз трошењето на јавните пари.
Измените на Законот за јавните набавки, кои се наоѓаат во собраниска процедура со поднесени 2.158 амандмани по претседателското вето, носат директни финансиски промени за сите економски оператори во државата. Иако во Собранието се предлага бришење на членот што се однесува на мандатите во Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), во законскиот пакет остануваат одредбите што ја поскапуваат правната заштита на компаниите при учество на тендери.
Со изгласаниот законски текст, влезниот трошок за оспорување тендерска постапка се зголемува за трипати. Надоместокот за водење жалбена постапка, кој досега изнесуваше од 50 до 200 евра во зависност од вредноста на понудата, се качува на износ од 150 до 600 евра.
Суштинска промена за буџетот на компаниите настапува и во делот на рефундирањето на трошоците по завршување на спорот. Доколку Државната комисија целосно ја усвои жалбата на фирмата и потврди дека имало пропуст во тендерот, договорниот орган – односно државната институција – е должен да ги врати само административната такса и надоместокот за водење на постапката. Трошокот за ангажираниот адвокат останува целосно на товар на компанијата која го добила спорот.
Образложението за воведување на повисоките надоместоци е дека со нив ќе се намали бројот на неосновани жалби кои ги одолговлекуваат јавните набавки, додека како предност на законските измени се наведува и вреднувањето на квалитетот покрај цената при изборот на понуда. Сепак, адвокатите кои работат во оваа област укажуваат на практичниот ризик за малите и средните претпријатија. Според нив, зголемениот финансиски товар ќе ги одврати фирмите од поднесување и на целосно основани жалби. Помалиот број оспорени одлуки директно ја намалува шансата неправилностите во тендерите да се исправат пред институциите да ги склучат договорите.
Покрај поскапата правна заштита во жалбените постапки, законските измени ги менуваат и правилата за директно трошење буџетски средства за набавки со помала вредност.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) пресмета дека со зголемувањето на годишниот лимит од досегашните 12.000 на 25.000 евра по институција, значително се шири просторот за трошење јавни пари без спроведување редовна тендерска постапка. Според анализата на ЦГК, потенцијалниот вкупен износ за набавки под законските прагови на ниво на сите институции во државата би пораснал од 18 милиони на 37,5 милиони евра годишно. Оваа сума претставува процена на максималниот можен обем на вакви набавки, додека реално потрошениот износ ќе зависи од конкретните договори што ќе ги склучуваат институциите во текот на годината.