Повисоки камати, помалку пари за развој и поголем товар за јавните финансии во иднина. Фискалниот совет предупредува дека новите задолжувања ќе го зголемат трошокот за сервисирање на јавниот долг и ќе остават помалку простор за инвестиции и за справување со идни економски шокови. Советот оценува дека ребалансот се носи во услови на зголемена глобална неизвесност поради геополитичките конфликти и ценовните шокови. Поради тоа, смета дека е оправдано намалувањето на проекцијата за економски раст на 3,5 проценти, но предупредува дека и оваа прогноза е преоптимистичка.

„Финансирањето на дефицитот со задолжување ќе доведе до зголемување на и онака високите расходи за камати, не само во тековната година, туку и во среднорочниот период, при што проекциите укажуваат на нивен континуиран раст најмалку до 2029 година. Од аспект на долгорочната одржливост на јавните финансии, надминување на нормативната граница на буџетскиот дефицит и јавниот долг утврдена со Законот за буџети, создава долгорочен притисок врз буџетот преку растечките трошоци за сервисирање на јавниот долг и го намалува фискалниот простор за финансирање на развојни политики и справување со идни економски шокови.“

Советот предупредува и дека приходите растат побавно од расходите, а буџетскиот дефицит со ребалансот се зголемува од 3,5 на 4,1% од БДП, што е над законската граница. Тоа може да се оправда само ако дополнителните пари навистина се вложат во капитални инвестиции, велат од Советот. Во спротивно, новото задолжување само ќе го зголеми јавниот долг без да создаде економски раст. Според економскиот аналитичар Абил Бауш, предупредувањата на Фискалниот совет се очекувани, бидејќи уште при носењето на Буџетот укажувале дека приходите се поставени преоптимистички. Тој смета дека дополнителен притисок создале и глобалните случувања, но најголем проблем е што државата веќе троши повеќе средства пред да биде усвоен ребалансот. Според него, повисокиот дефицит може да биде оправдан само ако навистина резултира со нови инвестиции и економски раст.

На сличен став е и Finance Think, од каде предупредија дека ребалансот покажува оти приходите биле преценети, а новото задолжување ќе биде оправдано само ако капиталните инвестиции навистина се реализираат. Ребалансот на Буџетот е во фаза на амандманска расправа во Собранието. Со него Владата го зголемува буџетскиот дефицит на 4,1 процент од БДП, бидејќи планира да собере околу 6,2 милијарди евра, а да потроши речиси 6,9 милијарди евра. Разликата од околу 744 милиони евра Владата ќе го покрие со ново задолжување, но уверува дека тоа ќе биде насочено кон капитални инвестиции, а не кон тековни трошења.