Монетарната и фискалната политика треба да се координираат, буџетот во тешка состојба

Академик Таки Фири, вчера, во МАНУ не сакаше да го коментира најавениот заем од една милијарда евра,бидејќи сè уште немал никакви информации за тоа. Според него не е коректно многу да се прашува за милијардата и за самата влада, зашто веднаш почнаа да го врзуваат луѓето со милијардата од Тајван, не знаејќи за што станува збор. Во однос на инфлацијата, укажа дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат. Академик Фити вели дека клучните предизвици за македонската економија се поврзани со она што се случи по кризата од 2007 – 2009 година, по што следуваа нови удари и падови

Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтеграцискиот процес и борба против корупцијата, се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада. Ова е ставот на академик Таки Фити, кој порача дека мора да продолжат и реформите, а треба, како што изјави, и да се отвори широк фронт на борба против сивата економија.

Академик Фити не сакаше да го коментира најавениот заем од една милијарда евра,бидејќи сè уште немал никакви информации за тоа. Во однос на инфлацијата, укажа дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат.

-Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, оцени, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата – рече Фити пред научната расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за макроекономијата по рецесијата од 2007 – 2009 година.

Според него имаме проблем – големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот.

-Не може да одржиме висока ценовна, макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика. Новата влада мора да води сметка за тоа. Нејзиниот приоритет треба да биде, прво, да се забрза економскиот раст и развој, второ, да продолжи евроинтеграцискиот процес и трето, борба против корупцијата. Тоа се основните приоритети и се сосема добро профилирани или ставени на маса високо во агендата на програмата на идната влада – смета академик Фити.

Според него, не е коректно многу да се прашува за милијардата и за самата влада, зашто веднаш почнаа да го врзуваат луѓето со милијардата од Тајван, не знаејќи за што станува збор. Тој потенцира дека владата треба да продолжи со реформите, оти Буџетот е во тешка ситуација.

-Имаме висок долг, треба да се отвори широк фронт на борба против сивата економија – дециден е академик Фити и дополнува дека таму има огромен потенцијал да ги зголемиме буџетските приходи за да може владата полесно да управува со фискалната политика, а тоа може да ја олесни координацијата со монетарната политика.

Академик Фити вели дека клучните предизвици за македонската економија се поврзани со она што се случи по кризата од 2007 – 2009 година, по што следуваа нови удари и падови.

-Кризата од 2007 – 2009 година, во ЕУ се трансформираше во должничка криза, а потоа и во криза на еврото. ЕУ е битна за нас зашто е наше релевантно подрачје на увоз и извоз, но и курсот на денарот е врзан со еврото. Следуваше ковид-19 што направи големо затворање и на се тоа се надоврза енергетската криза. Македонија по 2008 година го изгуби фискалниот простор – укажа Фити.

До 2007 година имавме учество на јавниот долг во БДП околу 23 отсто, па за пет-шест години дојдовме на 26 проценти. Денес, како резултат на двете кризи, преку 60 отсто е учеството на јавниот долг. Негова препорака е Фискалниот совет да контролира како се трошат буџетските средства, дали и колку се почитуваат основните буџетски правила – долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два до три проценти, за пет-шест години да дојдеме до нормално ниво на задолженост.

-Сега има големи дилеми кога ќе почнат да се намалуваат каматните стапки што е битно за бизнисот и за заживување на економијата. Американската централна банка е во големи тензии, тие имаат речиси 5,5 референтна каматна стапка, бизнисот таму очекуваше годинава да се намали за 1,5 процентен поен и да дојде до 4, но најавите се дека нема да се намали повеќе од 0,5 отсто-вели Фити.

Европската централна банка рече дека ќе почне со намалување, но и тие се плашат да не проработи инфлацијата повторно.

-Ако тие почнат со намалување, нормално дека тоа нашата Централна банка ќе го следи. Од тоа што таму се случува, зависи каква ќе биде и нашата монетарна политика, објасни Фити.

Научната расправа на тема „Макроекономијата по Големата рецесија 2007 – 2009 година – релевантноста на промените за економската наука и за македонската економија“ ја организира Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ.