Академикот Таки Фити смета дека земјава не е целосно подготвена за влез на европскиот пазар, но тоа е процес, оцени, дури и ако се оди на регионална варијанта. Тој потенцира дека земјава е најслаба во доменот на институциите, но и во образовниот систем се детектирани сериозни слабости и тоа на сите нивоа. Како што напомена, во високото образование работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години.

Сепак, според Фити, имаме и некои предности, а тоа се макроекономската стабилност и информациско-комуникациските технологии, додека една од посилните страни е и бизнис климата. Регионалната соработка, укажа професорот, не може да биде алтернатива за ЕУ, но нејзиното интензивирање го забрзува процесот на евроинтегрирање.

Како што оцени професорот, незавидна е и ситуацијата во здравството. Тој укажа и дека регионалната соработка е многу значајна.

– Отсекогаш сум сметал дека регионалната соработка и трговија е многу значајна работа зашто тука, во рамките на еден регион, земјите имаат компаративни предности. Поради близната на регионот отпаѓаат големи транспортни трошоци и проблеми врзани со слободата на движење на стоки и услуги зашто царините де факто се укинати. Мислам дека тоа не може да биде алтернатива за ЕУ, но отсекогаш интензивирањето на регионалната соработка го забрзува процесот на евроинтегрирање, потенцира акдемик Таки Фити.