Вкупно триесет и девет основни и средни училишта влегоа во финалната селекција на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3″ на Фонд за иновации и технолошки развој кој се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука.

Во наредните два дена, тимовите на учениците од 19 основни и 20 средни училишта, согласно препораките за превенција и заштита од Ковид- 19, онлајн ги презентираат своите проекти пред комисијата составена од претставници на МОН, Бирото за развој на образование, ФИТР, универзитетски професори и партнерски организации.

Охрабрува тоа што и во услови на криза и затворени училишта, на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3″ дури 58 училишта доставија свои предлог проекти. Од нив 28 се од основни, а вкупно  30 од средни училишта од цела Македонија.

Најмногу поднесени апликации се од училиштата на територија на град Скопје – вкупно 23, но апликации има од над дваесет места во земјава меѓу кои Велес, Свети Николе, Прилеп, Битола, Кратково, Гостоивар и Тетово.

Опфатени се речиси сите области од природните и техничките науки, а во најголем дел предлог прооектите се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија. На проектите би работеле над 300 ученици.