Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) започнува нова програма за зголемување на соработката меѓу стартапите и корпоративниот сектор. Целта е да се мотивираат големите корпорации во партнерство со ФИТР активно да се вклучат во развојот на македонскиот стартап еко систем.

Програмата за корпоративна иновативност, што се воведува првпат, подразбира финансиска и техничка помош што ќе ја обезбеди ФИТР во завршните фази, односно во делот на пласирањето на иновативниот производ на пазарите и неговото унапредување.

Од ФИТР велат дека бенефит ќе имаат и двете страни. Стартапите полесно ќе го пласираат својот иновативен производ на пазарот, а корпоративниот сектор ќе ја зголеми иновативноста и ќе го подобри своето позиционирање како општествено претпријатие.

Претпријатијата од корпоративниот сектор кои се заинтересирани за соработка со стартапите ќе треба да достават свој предлог концепт до Фондот, а потоа, оние кои ќе бидат избрани, ќе склучат договор со Фондот. Во Програмата предложени се шест можни соработки меѓу стартап компаниите и корпоративниот сектор како еднодневни настани, споделување на ресурси со стартапите, ангажирање на вработените како ментори во стартапите, градење на заеднички производи, превземање на стартап од големата корпорација со која корпорацијата би стекнала пристап до иновативноста.

Според директорот на ФИТР Коста Петров, македонскиот стартап еко систем забрзано се развива за што потврда е фактот што досега се поддржани над 300 стартап компании.

– Фактот што досега само од Фондот се поддржани над 300 стартап компании покажува дека македонскиот стартап екосистем брзо се развива и партнерствата со веќе докажани корпорации и брендови уште повеќе ќе го забрза процесот на трансформација и ќе им овозможи на македонските стартапи да бидат покомпетитивни и на национално и на глобално ниво, истакна директорот на ФИТР Коста Петров на денешната презентација на новата програма.

Корпорациите кои се заинтересирани за партнерство со стартап компаниите веќе од денеска ќе може да аплицираат за програмата со доставување на пополнет образец со основните податоци и краток предлог концепт за партнерство со Фондот.