Вкупно 706-те пристигнати апликации до Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во моментов се наоѓаат во фаза на претселекција. Оценувањето во оваа почетна фаза се спроведува од домашни и стручни лица од 22 области на експертиза. Во финалната селекција, односно пред одлука на Комитетот ќе влезат проектите кои ќе освојат минимум 51 поен. Финалната листа на избрани проекти се очекува да биде готова во текот на јуни. Фондот распиша повик за финансирање во износ од 6 милиони евра грант за фирми со иновативни проекти, а месецов објави дека аплицирале дури 706 компании.

-Главната цел на овој инструмент на ФИТР е поддршка на домашните компании со цел надминување на економската криза и создавање на конкурентност на меѓународните пазари преку воведување на напредни зелени и дигиталните техологии. Административната проеверка на испратените документи при аплицирање, за разлика од претходните јавни повици, овој пат ќе биде правена само на првичните лица на избрани предлог проекти од страна на Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ). Втората новост е тоа што за одбиените апликанти за првпат обезбедуваме нова менторска програма со цел да ги доразвијат своите проекти и да аплицираат во иднина, вели директорот на ФИТР, Коста Петров.

Вкупиот обем на инвестиции од предлог-проектите изнесува 63 милиони евра, од кои речиси 27 милиони би биле влог на компаниите, додека од ФИТР побаруваат 36 милиони евра.

Pari.com.mk направи детална анализа кој тип на компании конкурирале на огласот за да ја добијат поддршката од ФИТР.

  • Од 706 пријавени на јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст,  540 се компании кои аплицираат за прв пат на некој од јавните повици на ФИТР, додека 207 се стартап компании
  • Во однос на стартап апликантите, 171 од нив се со старост до 3 години, додека пак 105 работат до 6 години
  • Аплицирале 345 микро, 329 мали и 32 средни претпријатија и 76 приватни здраствени установи (ПЗУ).
  • Компаниите се од 18 индустрии, во најголем број од областа на маркетинг(144 апликации, 20,4%),  здравство(93 апликации, 13,2%),  технолошка индустрија(70апликации, 9,9%), градежништво (63 апликации, 8,9%) и ИТ(60 апликации, 8,5%), следуваат угостителство, креативни индустрии, итн.
  • Доаѓаат од 29 градови, со најдоминантен број на апликации од Скопје(321 апликација, 45,5%), Струмица(57 апликации, 8,1%), Тетово(53 апликации, 7,5%), Битола(34 апликации, 4,8%) и Штип(33 апликации, 4,7%).
  • Анализите покажуваат дека 45% компании-апликанти со жена сопственик или управител (на женското претприменишто ќе му се даде предност при оценувањето од тука и зголемениот интерес).
  • Анализата пак според плански регион покажува дека најмногу 319 апликации или 45% доаѓаат од Скопски регион, од Југоисточниот регион 77 апликации или 11% и Источниот 76 апликации или 11 проценти.

  • Според организациската структура на фирмите: ДООЕЛ имаат поднесено 435 апликации или 62%, ДОО 190 апликации или  27%, ПЗУ 76 апликации или 11% и АД 5 апликации или  5%.

ФИТР обезбедува 70% од буџетот на проектот за микро или мало претпријатие или 60% за средни претпријатија. Односно 2.500.000 денари за микро, до 5.000.000 денари за мали и до 10.000.000 денари за средни претпријатија.

Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација (35 поени), квалитет на проектот (10 поени), капацитет на проектниот тим (10 поени) и влијалние на проектот со по 45 поени. Сите проекти со просечна оценка од над 51 поен одат во втора фаза на оценување.

Во втората фаза проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции (КОИ), независно тело составено од петмина меѓународни експерти. На нивно барање опционално е предвиден и пичинг (јавна презентација) на предлог-проектите. За селектираната листа на предлог-проекти, тимот на ФИТР ќе врши административна проверка, односно дали апликациската документација е потполна. Потоа следува донесување на финална одлука од страна на КОИ, според дефинираните критериуми.

-Да потсетам дека покрај Ноел Грегор Патерсон Џонс и Вибху Шарма, чиј мандат започна во 2019 година, на почетокот на годинава, Комитетот доби тројца нови членови, односно Марвин Лиао, Ашер Сидики и Гунтер Фелингер. Со доаѓање на експертски тим и претприемачи од светски размери, уверен сум дека значително ќе го подигнеме квалитетот на избраните проекти, ќе мотивираме поголем број на млади луѓе да аплицираат и во целост ќе ја унапредиме стартап заедницата во земјата, истакнува директорот Петров.