Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, испрати јасна порака до земјите членки – големо кратење на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија може сериозно да ги загрози приоритетите на блокот. Во пресрет на клучните разговори за повеќегодишната финансиска рамка за периодот по 2027 година, Фон дер Лајен пред Европскиот парламент во Стразбур предупреди дека не е време Европа да го „затегнува ременот“ на сметка на стратешките инвестиции, пишува ЕУ обсервер.

-Би сакала да предупредам против големи намалувања. Тоа би можело длабоко да ги поткопа клучните приоритети за кои сите заедно се согласивме – порача таа.

Европската комисија предложи долгорочен буџет од околу 1,8 трилиони евра, односно 1,26 проценти од бруто националниот доход на ЕУ. Но, дел од земјите членки бараат значително намалување. Таканаречените „штедливи“ земји, меѓу кои Германија, Холандија, Шведска, Данска, Финска и Австрија, бараат буџетот да биде намален за неколку стотици милијарди евра. Тие сметаат дека Европа мора да ги консолидира јавните финансии и дека намалувањата треба да ги опфатат сите буџетски ставки.

Од друга страна, групата земји позната како „Пријатели на кохезијата“, предводена од Шпанија и Италија, се спротивставува на големите кратења и бара да се зачуваат средствата за земјоделството и за регионалниот развој.

Според Фон дер Лајен, Европа во следните години ќе има потреба од повеќе, а не од помалку инвестиции. На листата се енергетската инфраструктура, одбраната, конкурентноста, вештачката интелигенција, проширувањето на Унијата, подготовката за кризи и борбата против нелегалната миграција. Особено во услови на актуелната енергетска криза, Европската комисија смета дека инвестициите во енергетската инфраструктура и намалувањето на зависноста од увоз на енергенси се стратешки приоритет.

Фон дер Лајен истовремено повика на сериозна дебата за нови сопствени приходи на ЕУ, односно нови извори на финансирање на европско ниво. Според Комисијата, без дополнителни приходи ќе биде тешко да се задржи амбициозниот план за следните седум години.

— Ако сакаме да ги зачуваме нашите приоритети и нивото на амбиција што го имаме за Европа, треба сериозно да работиме на страната на приходите — порача Фон дер Лајен.

Европската комисија разгледува повеќе извори на приходи, меѓу кои приходи од јаглеродниот пазар, давачки поврзани со јаглеродот и други европски приходи. Според „Фајненшл тајмс“, новите сопствени ресурси би можеле да носат околу 60 милијарди евра годишно. Преговорите влегуваат во критична фаза. Лидерите на ЕУ треба да разговараат за идниот буџет на состанокот на Европскиот совет на 15 и 16 октомври, додека целта е договор да биде постигнат до крајот на 2026 година.

На едната страна се земјите кои бараат сериозни заштеди. На другата се оние кои предупредуваат дека кратењето на средствата за кохезија, земјоделство и развој може да ја ослаби самата Унија. А Фон дер Лајен сега застана јасно на страната на оние кои велат дека Европа не може да одговори на новите кризи со помал буџет.