Магазинот „Форбс“ ја објави годишната листа со држави каде што има најдобри услови за бизнис, на која Македонија се најде на 68. место. Првото место вторпат ѝ припадна на Велика Британија. 

Оваа листа, како што се наведува, ја покажува мерката во која во земјата се прифаќаат капиталните инвестиции.

Обединетото Кралство е единствената држава која меѓу првите 30 (од вкупно 161 држава) имала најдобри резултати во 15-те области што се мерени.

На второто место е Шведска. Бизнис-климата на извозно-ориентираната економија доби високи оцени за иновациите, имотните права, ризикот и ниското ниво на корупција.

Од земјите во регионот, од Македонија подобри се Србија (56), Хрватска (52), Бугарија (46) и Словенија (31), а полоши се Црна Гора (72), Албанија (74) и Босна и Херцеговина (98).

Рангирањето е направено врз основа на 15 фактори, вклучувајќи ги имотните права, даноците, технологијата, нивото на корупција, слободата, бирократијата, големината на пазарот, квалитетот на живот и работната сила.