Русија ќе ја победи Саудиска Арабија во нафтената војна која почна откако пропаднаа преговорите на членките на ОПЕК, оценува американскиот магазин Форбс.

Како што се тврди, постојат бројни причини поради кои Москва се смета за фаворит во конфликтот.

Првата е таа што, како што пишува Форбс, рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за енергетика Александар Новак се искусни лидери во своите области, кои се во состојба да носат тешки одлуки кога станува збор за нафтата, додека од друга страна тоа не може да се каже и за саудиското раководство.

Втората причина е што Русија ќе истрае во целата ситуација, додека Саудиска Арабија има значајна основа брзо да се повлече и да го турне ОПЕК кон стабилизација на пазарот, се наведува.

На Русија, покрај тоа, ѝ оди од рака и неодамнешното излегување на најголемата светска нафтена компанија, саудиската Сауди Арамко на берзата.

Договорот на ОПЕК и земјите надвор од таа организација (ОПЕК плус) за намалување на производството на нафта е на сила од почетокот на 2017 година. Договорот повеќе пати се продолжуваше, а условите се менуваа. До крајот на 2019 договорот предвидуваше намалување на производството за 1,2 милиони барели на ден во однос на нивото од октомври 2018, а за моменталниот квартал производството беше намалено за 1,7 милиони барели.

Новак во петокот најави дека од 1 април истекуваат обврските за намалување на производството на нафта на земјите членки на договорот ОПЕК плус. Москва не се согласи на предлогот на картелот за понатамошно намалување на производството поради ширењето на коронавирусот. Министерот предупреди дека пазарот би можел емоционално да одреагира на извештаите за раскинот на договорот.

Членките на ОПЕК не успеаја во петокот 6 март да договорат ни промена на параметрите  на договорот за намалување на производството на нафта, а ни за продолжување на договорот. Поради тоа од 1 април обврските за ограничување на производството на нафта се укинуваат. Овие случувања предизвикаа пад на цените на нафтата, кој во понеделникот изнесуваше 30 отсто.