„Инфлацискиот раст ќе забави годинава, како во развиените, така и во економиите во развој, како резултат на стабилизирањето на цените на суровините, намалувањето на притисоците на страната на понудата и одлучната реакција на монетарните власти. Знаците на забавување се веќе видливи, сепак е рано да се прогласи победа над инфлацијата“ е пораката која се испрати од Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, којшто годинава се одржува во Скопје и чиј домаќин е Народната банка.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во поздравното обраќање посочи на значајната улога на банкарскиот систем за поддршка на структурните реформи.

„Одржувањето на стабилноста и на добрата состојба на банкарскиот сектор е важно и за финансирање на потребните структурни реформи во регионот на ЦЈЕ. Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а одржувањето на финансиската стабилност и на финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Во исто време, со натамошните климатски промени и технолошките иновации, се поттикнува промената на нашите општества и преминувањето кон позелена и дигитална иднина. Банките можат да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција“, истакна гувернерката.

Гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, во своето воведно обраќање посочи дека малите и отворени економии во Централна, Источна и Југоисточна Европа во последниот период се погодени од серија невидени надворешни шокови. Ценовните шокови и глобалната неизвесност претставуваат огромен предизвик не само за монетарната политика, којашто има јасен мандат за одржување стабилност на цените, туку и за носителите на фискалната политика.

„На Годишниот форум ќе се разговара за претстојните предизвици во банкарскиот сектор, за неопходните трансформации на нашите финансиски системи, бидејќи властите и инвеститорите ги притискаат банкарските групи да го забрзаат преминувањето кон позелена иднина, за развојот на финансиските услуги и за тоа како ефикасно да се балансираат придобивките од дигитализацијата“, рече Вујчиќ.

На првата панел-сесија, под наслов „Монетарната и фискалната политика во светот на висока инфлација“, покрај Ангеловска-Бежоска и Вујчиќ, учествуваа и гувернерот на Народната банка на Словачка, Петер Кажимир, гувернерот на Централната банка на Црна Гора, Радоје Жугиќ, министерот за финансии, Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова.

Гувернерот на Народната банка на Словачка, Кажимир, истакна дека се очекува дека инфлацијата во еврозоната ќе биде висока подолго време.

„Не можеме, а и нема да стоиме на страна. Решени сме да ја сведеме инфлацијата до нашата цел и ќе го сториме тоа. Затегнувањето на монетарната политика почна да дава резултати, а повисоките каматни стапки ја постигнуваат целта. Сепак, нашата борба со инфлацијата не е завршена. Ризиците не исчезнаа, напротив, упорно опстојуваат. Значи, сè уште имаме доста работа на терен, но убеден сум дека ги имаме сите алатки на располагање за да стигнеме до нашата крајна, посакувана цел“, посочи Кажимир.

На Годишниот форум во Скопје учествуваат гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.