Жената е важен фактор во развојот на туризмот и нејзината улога во иднина треба да се зголемува, ова беше речено на Форумот под наслов „Улогата на жените претприемачи во развојот на туризмот“ што се одржа во Охрид со поддршка од Европската унија. Оценката е дека во моментов е мал придонесот на жените во овој сектор поради што треба да добијат поддршка од локалната власт и невладините организации…

Развојот на женското претприемаштво воопшто, но и во туризмот е значајна алка за раст на економијата на секоја држава. Кај нас има мали почетоци на женско претприемништво во туризмот и тоа во регионите каде што се поголемите туристички центри што не е доволно, бидејќи во државата има многу неоткриени средини коишто можат да прераснат во туристички дестинации. Ова беше речено на Форумот под наслов „Улогата на жените претприемачи во развојот на туризмот“ при што беше посочено дека треба да го следиме примерот на земји како што е Хрватска каде што 20 до 30 проценти од средствата во туризмот доаѓаат од руралниот туризам.

„Веќе изумира оној туризам каде што се седи 10 до 15 дена на едно исто место, мораме да креираме понуда. Таа креирана понуда се жените коишто можат да изнедрат информации, знаења, можност за да ја креираат таа понуда. Така ние сметаме дека со овој форум ќе ја почнеме расправата и ќе почнеме да го креираме движењето за развој на руралниот туризам“, кажа Валентина Дисоска-Претседател на Националната платформа за женско претприемништво.

Во југозападниот регион на земјава е забележан напредок и зближување на жените од руралните и урбаните средини при што тие се здружуваат и економски зајакнуваат, но засега жената се среќава само во малите бизниси.

„Таа е присутна во занаетчиството, знаете дека сувенири, изработка на филигран, бисери често ги имаме низ регионот, потоа мали обележја и во другите региони на сувенири, потоа имаме изработка на слатка, компоти, домашни производи што се продаваат, мали етно куќи што даваат сервис услуга, гастроноски и дел сместувачки капацитети“, кажа Сузана Наумоска-локален координатор на југозападен регион за женска платформа.

Интересот на странците е сè поголем за етно локалите, рестораните или фармите, а посебно доживување за нив е кога самите можат да учествуваат во приготвувањето на ручекот од локални производи.