Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски во друштво со министерот за економија Крешник Бектеши повторно пазареше пред камери во скопски маркет, по третпат откако беше воведено замрзнувањето на цените на одредени производи.

Ковачевски купи јајца, млеко, масло и брашно, при што потроши 474 денари.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како со минимални месечни примања ќе се издржи месецот го праша пензионерка премиерот, на што тој одговори, дека Владата досега неколкукратно направила зголемување на пензиите и најави ново зголемување на пензиите од септември.

– За мене е јасно дека трошоците за живот се зголемија поради војната во Украина, и заради тоа Владата донесе низа на антикризни мерки. Ова е време на солидарност а не време на екстра богатење – порача Ковачевски.

Истакна дека се почитува владината одлука за замрзнување на цените во маркетите и најави дека мерката ќе остане до крајот на април со тенденција слични мерки да се однесат и за други прозводи.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Друга жена се жалеше на цените.

– Цените се до плафон, со два денари макарони и јајца на 99 денари и сега ги замрзнавте цените. Што е, тоа е поевтинување? Многу тежок дојде животот, па не можеме да купиме ниту лекарства – му кажа таа на премиерот кој одговори дека цените се зголемени поради војната во Европа.

Ковачевски, заедно со Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посетија супермаркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, а претходно во друг маркет ги проверуваа и цените на лебот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ковачевски пред камери купуваше леб во маркет заедно со Бектеши

Ковачевски и Бектеши повторно пазареа пред камери, премиерот потроши 328 денари при проверката на цените

Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти месецов и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот леб и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.