Француската влада постигна договор со водечките синџири на супермаркети за антиинфлациска кошничка, која сами ќе ја дефинираат за да ги намалат трошоците за основните прехранбени производи за граѓаните.

Трговците на мало се согласија да им понудат на клиентите „најниски можни цени“ за период од три месеци за артикли што сами ќе ги изберат, рече Ле Мер на прес-конференција по состанокот со директорите.

Во јуни, трговците на мало и владините претставници ќе ја преоценат ситуацијата и може да побараат од големите добавувачи на стоки за широка потрошувачка повторно да преговараат за цените со малопродажните компании.

Инфлацијата во Франција неочекувано забрза на 7,2 отсто во февруари, од 7 отсто во јануари, делумно поради повисоките цени на храната, покажуваат прелиминарните бројки на статистичката служба ИНСЕЕ. Статистичарите прогнозираат дека стапката на раст на цените на храната во првата половина од годинава ќе се задржи на 13 проценти.