Францускиот производител на гуми Мишлен соопшти дека ќе започне програма за доброволно заминување на вработени во Франција, која во следните три години би можела да опфати до 1.500 работни места.

Од компанијата наведуваат дека одлуката е донесена по падот на продажбата во првиот квартал од 2026 година и во рамките на напорите за намалување на оперативните трошоци.

Според планот, околу две третини од намалувањето на работната сила ќе се однесуваат на административните и канцелариските позиции, додека преостанатата третина ќе биде во индустрискиот сектор.

Директорот за човечки ресурси на Мишлен за Франција и Јужна Европа, Оливие Фор-Вори, изјави дека ниту една фабрика нема да биде посебно погодена и дека процесот ќе се спроведува исклучиво преку доброволни заминувања.

Од компанијата како главни причини ги наведуваат високите трошоци за работна сила, енергија и даноци. Генералниот директор Флоран Менего уште минатата година предупреди дека индустриските активности на групацијата во Франција не се профитабилни.

Во првиот квартал од годинава Мишлен забележа пад на приходите од 5,4 проценти, на 6,2 милијарди евра, додека обемот на продажба на гуми е намален за 1,4 проценти на годишно ниво.

Компанијата моментално вработува околу 17.000 лица во Франција и располага со 13 производствени погони. Во 2024 година Мишлен веќе укина 1.246 работни места по затворањето на фабриките во Шоле и Ван.