На 29 септември ОН го одбележува Меѓународниот ден за подигање на свеста за загубата и фрлањето храна. Во Македонија, каде што секој петти граѓанин живее во ризик од сиромаштија, годишно се фрлаат илјадници тони храна, а законот за донирање вишок храна се најавува со години.

Генерации наназад се повторува советот „јади, да не се фрли“, но реалноста покажува дека фрлањето храна станува сè поголем проблем и во Европа и во Македонија. Секој жител на земјава во просек фрла околу 83 килограми храна годишно, ниво што стручњаците го споредуваат со она во развиените земји. Парадоксот е што, според Државниот завод за статистика, околу 22 отсто од населението живее во ризик од сиромаштија.

Денот и годинашната тема

Генералното собрание на ОН на 19 декември 2019 година, со резолуцијата 74/209, го прогласи 29 септември за Меѓународен ден за подигање на свеста за загубата и фрлањето храна. Денот е поврзан со Целите за одржлив развој, чија цел 12.3 предвидува до 2030 година да се преполови фрлањето храна по жител во трговијата и кај потрошувачите, како и да се намалат загубите во производството и снабдувањето.

Годинава денот се одбележува по седми пат, под темата „Трансформативниот потенцијал на намалувањето на загубата и фрлањето храна“. Фокусот е ставен на шумите. Загубената и фрлената храна создава непотребен притисок врз земјиштето, водата и климата, а ширењето на земјоделството е главната причина за сечењето шуми.

Одбележувањето во седиштето на ФАО во Рим се одржува во рамките на Светската недела на шумите, а ФАО најави дека на 29 септември ќе објави и мапа со податоци за индексот на загуба на храна. Рокот за исполнување на целта 12.3 е 2030 година, што значи дека годинашното одбележување доаѓа во период кога до истекот на рокот остануваат само четири години.

Милијарда тони храна на ѓубре

Треба да се разликуваат два поима. Загуба на храна е она што пропаѓа пред да стигне до продавницата, додека фрлање храна е она што завршува во ѓубре во продавниците, рестораните и домовите. Околу 13 отсто од храната произведена во светот се губи по бербата, пред да стигне до трговијата, а уште 19 отсто од храната достапна за потрошувачите се фрла во продавниците, угостителството и домаќинствата.

Во апсолутни бројки, во 2022 година во светот биле фрлени 1,05 милијарди тони храна, односно 132 килограми по жител. Најголемиот дел, 60 отсто, бил фрлен во домаќинствата, 28 отсто во угостителството, а 12 отсто во трговијата. Секој човек дома во просек фрла по 79 килограми храна годишно, што е еквивалент на најмалку една милијарда оброци фрлени секој ден.

Во исто време, во 2025 година гладувал околу еден од 13 луѓе во светот, односно меѓу 608 и 696 милиони луѓе. Храната што се губи или фрла би можела да нахрани 1,26 милијарди луѓе годишно, а вредноста на фрлената храна надминува илјада милијарди долари годишно.

Не е проблем само на богатите

Пораката на ОН е јасна: фрлањето храна не е проблем само на богатите земји. Просечното количество фрлена храна во домаќинствата во земјите со високи, повисоки средни и пониски средни приходи се разликува за само седум килограми по жител годишно. Домаќинствата во потоплите земји фрлаат повеќе храна, додека руралните средини фрлаат помалку.

Регионот тоа добро го покажува. Највисока бројка во оваа статистика има Грција, каде што секој жител годишно фрла по 142 килограми храна, а најниска има Словенија, со 34 килограми по жител. Во Србија бројката е иста како кај нас – околу 83 килограми.

Македонија: сиромашна земја, полни контејнери

Според податоците на Програмата на ОН за животна средина, во Македонија годишно како отпад завршуваат околу 172.000 тони храна. Здружението „Банка за храна“ предупредува дека, додека оваа област не се уреди со закон, ќе има сè помалку храна за оние на кои најмногу им е потребна.

Активистот за социјална правда Здравко Савески го опишува проблемот пошироко: фрлањето храна значи фрлање пари, но и непочитување на трудот на работниците кои ја произвеле. Каде завршува таа храна? Речиси сета на депонија.

Според Државниот завод за статистика, дури 99,8 отсто од собраниот комунален отпад во Македонија се исфрла на депонија. Храната што гние на депониите испушта метан, гас кој има многу поголем потенцијал од јаглерод диоксидот за придонес кон затоплувањето на планетата.

Законот што доцни

Решението што го бараат организациите е познато: храната што не е продадена, а е безбедна за јадење, да оди кај луѓето, а не на депонија. Но патот до тоа е долг. Уште во 2018 година беше констатирано дека ветувањето за закон по францускиот модел, со кој супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите би можеле да донираат храна, не е исполнето. Проблемот бил и во сложениот Закон за донации и спонзорства, според кој за донирање храна се плаќа данок.

Предлог-законот за донирање вишок храна предвидува систем за донирање, спречување на создавањето отпад од храна и регистрирање на посредниците што ја дистрибуираат храната. Неговата цел е безбедниот вишок храна да стигне до корисниците, да се придонесе кон остварување на правото на пристап до храна и да се намали отпадот.

Меѓу корисниците се граѓаните кои примаат социјална помош, старите лица со право на социјална сигурност, лицата погодени од елементарни непогоди и домаќинствата со приходи до висината на минималната плата.

Работна група со тројца министри и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство во Дојран го финализираше предлогот, а резултатот беше постигнување консензус за надлежностите, системите и платформите за управување со вишокот храна.Бизнисите го очекуваат законот, во услови кога околу 460.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштија и не можат да обезбедат три оброци дневно.

Што функционира

Намалувањето на фрлањето храна е можно. Велика Британија го намали фрлањето храна во домаќинствата за 22 отсто, а Јапонија за 53 отсто. Британскиот успех дојде како резултат на партнерства меѓу државата и бизнисите, кои помогнаа количината на фрлена храна по жител во домаќинствата да се намали за повеќе од една четвртина меѓу 2007 и 2018 година.

За домаќинствата, најголема разлика прават едноставни навики: купување според список, правилно чување на храната и разбирање на ознаките на пакувањата. Ознаката „најдобро до“ значи дека по тој датум храната може да го изгуби квалитетот, но најчесто е безбедна за јадење. Ознаката „да се употреби до“ се однесува на безбедноста на храната и треба да се почитува.

Храната што ја фрламе го носи целиот товар на нејзиното производство земјата, водата, трудот и емисиите. Загубата и фрлањето храна создаваат од 8 до 10 отсто од светските емисии на стакленички гасови, што е речиси петпати повеќе од емисиите на целиот воздушен сообраќај.