Земјите од Г7 продолжуваат со плановите за договор за забрана за продажба на руски дијаманти, пишува Политико, пренесува „24Часа.бг“. Водачите на групата ќе се состанат следниот месец поради зголемените надежи дека новата технологија ќе им овозможи на властите да ги следат скапоцените камења ширум светот.

Досега, Европската унија не воведе санкции за дијамантите од Русија, кои играат улога во финансирањето на војната на Владимир Путин во Украина, поради стравувањата дека ембарго ќе го погоди белгискиот град Антверпен, голем меѓународен центар за трговија со дијаманти. Наместо тоа, владите на Г7 подготвуваат меѓународна забрана за продажба на производите.

Подготовките се во тек за објавување повеќе детали на самитот во Јапонија што започнува на 19 мај, изјави претставник на европската влада вклучен во разговорите. Една од главните цели на овој координиран притисок на Г7 е да се спречи заобиколувањето на санкциите, на пример со увоз на руски дијаманти кои прво биле обработени и повторно етикетирани на друго место во светот.

Политико објави дека швајцарската компанија Спејскод сега има решение за овој проблем: нов уред кој може да идентификува од кој регион на светот доаѓаат поединечните дијаманти. Компанијата работи на следниот чекор за да ја одреди „дијамантската ДНК“ бидејќи точното знаење за потеклото на дијамантите е клучно за индустријата, изјави за публикацијата Павло Протопапа, претседател и извршен директор на Спејскод.