Придонесот за пензиско и инвалидско осигурување кој по стапка од 18,8 % се наплатува од бруто платата на секој вработен, не е доволен извор на приходи за да целосно се покрие тековната исплата на пензиите. Коментирајќи ги последните наоди на Државниот ревизор за финансикото работење на Фондот за ПИОМ во 2022 година, даночниот експерт Павле Гацов за Локално посочува дека ваквата состојба ќе се провлекува и во иднина односно пензиите ќе се исплаќаат со трансфер на пари од буџетот. Во прилог на ова тој ги посочува искуствата на соседните држави.

-За илустрација, стапката на придонесот за ПИО во земјите од регионот, со исклучок на Косово се повисоки од нашата. Во Албанија е 24,5%, во Србија стапката на придонесот е 24%, во Федерација БиХ  е 23%, Република Српска е 18,5%, на Косово  10% а во Црна Гора придонесот изнесува 20,5%, вели Гацов за Локално.

Притисокот врз буџетот на Фондот според него дополнително ќе се зголеми доколку се реализира најавеното зголемување на пензиите.

-Освен демографските причини, и нискиот коефициент на односот работник / пензионер финансиската стабилност на Фондот за ПИО во наредниот период ќе биде под нов дополнителен притисок заради евентуалната реализација на најавено линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари месечно (околу 330 милиони евра годишно), објаснува Гацов.

Потсетува дека од 2012 г, па наваму учеството на трансферираните средства од Буџетот во корист на Фондот за ПИОМ секогаш е поголем од една третина но е во континуиран пад во последните години.

Мал пад на учеството на финансирањето од Буџетот е забележан во 2019, кога придонесот за ПИО беше зголемен од 18 на 18,4%; и уште еднаш во 2019 со ново зголемување на стапката на придонесот, овој пат на 18,8%.

2012 = 37,26%

2013 = 41,24%

2014 = 42,17%

2015 = 41,68%

2016 = 43,12%

2017 = 43,57%

2018 = 42,69%

2019 = 37,02%

2020 = 38,43%

2021 = 37,52%

2022 = 33,58%

-Во сите анализи за дефицитното финансирање на Фондот за ПИО се пропушта да се калкулира идното позитивно влијание од пренесената обврска за исплата на пензиите од државниот Фонд за ПИО на приватните капитално финансирани пензиски фондови кое се полнат со транфер на 6 процентни поени од придонесот за ПИО при секоја исплата на плата на работниците членови на овие приватни фондови. Имено годишниот трансфер на овие придонеси кои ќе бидат идни исплати на пазнии за кои ќе биде ослободен државниот Фонд за ПИО се доближува до сумата од речиси 200 милини евра годишно, вели Гацов.

И поранешната директорка на Фондот за ПИОМ, Билјана Јовановска за Локално вчера потенцира дека Фондот ќе биде зависен од централниот буџет барем до 2035 г. , или  додека приватните фондови не почнат со исплата на пензии

Фондот ќе биде зависен од буџетот се додека не почнат со исплата на пензии приватните фондови (околу 2035 година) и додека Владата води политики  за ослободување од придонеси за одредени категории вработени, фирми. Ваквата распределба значи дека сегашните осигуреници ќе земаат пензија од две места: од ПИОМ и од приватните фондови. И тоа поголемиот дел, некаде околу 60% од пензијата ќе треба да ја обезбедат приватните фондови, а останатото државниот фонд. Средствата што се трансферираат кон приватните фондови одат на лична и индивидуална сметка на осигуреникок кој во секое време може да види колку пари има таму. Задачата на приватните фондови е тие средства да ги инвестираат и умножуваат и тој систем е целосно различен од ПИОМ кој функционира на солидарна основа. Собраните средства во приватните пензиски фондови можат  да се остават и во наследство, рече Јовановска за Локално.

Според ДЗР, Фондот за ПИОМ има недостаток на средства за исплата на социјални бенефиции, поради што во 2022 година се трансферирани средства од Буџетот во висина од 31.022.110.000 денари или над 504 милиони евра.