За бизнис-секторот и за Синдикатот, најдоброто решение е работната сила да се задржи и да се подигне животниот стандард. Од Синдикатот сметаат дека освен зголемување на платите, треба да се подобрат и условите за работа на работниците, бидејќи не може да се работи 72 часа, а притоа во државата да има најниско ниво на заштита при работа во регионот. Оттаму додаваат дека газдите, кои со ниските плати и лошите услови за работа ја избркаа домашната работна сила, сега бараат работници однадвор.

Наместо увоз на работна сила однадвор, зголемување на платите и на животниот стандард на домашните работници бара бизнисот-секторот. Со ист став е и Синдикатот, од каде што сметаат дека освен зголемување на платите, треба да се подобрат и условите за работа на работниците, бидејќи не може да се работи 72 часа, а притоа во државата да има најниско ниво на заштита при работа во регионот. Оттаму додаваат дека газдите, кои со ниските плати и лошите услови за работа ја избркаа домашната работна сила, сега бараат работници однадвор.

– Синдикатот не гледа спас од кризата со увоз на работна сила. Спасот од недостигот на работници со увоз на работници однадвор го гледаат само Владата и работодавците, кои се виновни за тоа што години наназад, поради лошите услови и ниските плати, ги бркаа работниците од државата – изјавија за весникот ВЕЧЕР од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Поради тоа, од ССМ апелираат државата да не ги олеснува условите за увоз на работници, туку заедно со социјалните партнери да креира политики за зачувување на домашната работна сила и да обезбеди достоинствени услови и плати.

– За да им ги зголемиме платите на работниците, не треба да ја мериме продуктивноста. Прво треба да ги зголемиме платите и да ги мотивираме работниците, а потоа продуктивноста ќе се зголеми сама по себе – вели Иван Пешевски од ССМ.

И претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека еден од механизмите за задржување на работниците и на младите е зголемување на платите.

– Мислам дека сè понатаму ќе зависи од степенот на стандардот што ќе го диктира државата. Затоа што тоа ќе го определува враќањето на таа работна сила, која привремено излегува од државата. На пазарот ќе има одредена варијација на цената на таа работна сила – вели Азески.

Според него, се разговара со сите надлежни државни институции издавањето на дозволи за странски работници да се стави под контрола.

– Бизнисот ќе се приспособи да не мора да увезува толку многу работна сила, како што претпоставуваме ние, и ќе го преброди тој период – додава Азески.

Во наредниот период, како што вели, дел од компаниите ќе ги зголемуваат платите на работниците. Тој смета дека бизнис-секторот се снаоѓа во ваква лоша ситуација и е оптимист дека и ова ќе го изменаџираат. Се согласува дека е потребна дебата на оваа тема, со сите чинители во земјава.

Според Азески, најдобро е да се подигне стандардот на граѓаните во земјава и да се вратат оние што се иселиле или заминале на привремена работа во странство, бидејќи земјава има добар кадар, кој треба да го искористи за своите потреби.