Германскиот канцелар Фридрих Мерц и неговиот заменик Ларс Клингбаил ги презентираа клучните одлуки за државниот буџет за 2027 година и планираната реформа на здравствениот систем во Берлин, по недели внатрешнополитички несогласувања во владејачката коалиција.
Според Дојче Веле, односите во владата биле толку напнати што дури и во јавноста се шпекулираше за можен распад на коалицијата, помалку од една година по нејзиното формирање.
Владата планира значајни промени во здравствениот систем, вклучително и заштеди од околу 16 милијарди евра. Граѓаните во Германија очекуваат повисоки партиципации за лекови, како и намалување на државните субвенции за стоматолошки услуги. Најавено е и воведување данок на шеќер од 2028 година.
Мерц нагласи дека товарот на реформите ќе мора да го сносат различни сектори на општеството, вклучувајќи ги здравствените работници, фармацевтската индустрија и осигурениците.
Прашањето за здравственото осигурување за социјално ранливите лица предизвика посебна дебата, при што беше постигнат компромис дека државата постепено ќе покрива дел од трошоците што претходно целосно ги сносеа осигурениците.
Сепак, најавените мерки веќе наидоа на критики од хуманитарните организации, кои предупредуваат дека заштедите би можеле најтешко да ги погодат граѓаните со пониски приходи.
Во исто време, Клингбеил презентираше буџетска рамка за 2027 година во вредност од околу 543 милијарди евра, со зголемени трошоци за одбрана и дополнителни намалувања во други сектори, вклучително и пензискиот систем.
Реформи на системот
Прашањето за пензискиот систем е исто така во политичкиот фокус, при што се подготвуваат реформи поради долгорочниот дефицит. Претходните изјави на Мерц дека државната пензија нема да биде доволна за одржување на животниот стандард предизвикаа незадоволство кај некои во СПД, кои веруваат дека ваквите пораки создаваат загриженост кај граѓаните.
Во исто време, Клингбеил делумно ги обвини надворешните фактори за економските проблеми, вклучително и глобалните енергетски нарушувања и меѓународните политички тензии, додека двете страни нагласија дека постигнувањето компромис е сè уште можно и покрај несогласувањата.