Германските здруженија на угостители вчера го вклучија алармот поради големиот недостиг на работници во оваа индустрија.

„Во моментов ни недостигаат повеќе од 50.000 работници во рестораните, кафулињата и хотелите, а со доаѓањето на пролетта очекуваме дополнително зголемување на оваа бројка“, соопшти стручното здружение на угостители и хотелиери во Германија, Dehoga.

Иако голем број работници кои бараа работа во друг сектор за време на пандемијата, како што се малопродажбата и логистиката, се вратија во угостителството, недостатокот на работници сè уште е голем проблем.

Dehoga има големи надежи за имиграциската реформа објавена од федералната влада и справување со недостигот на работна сила преку насочена имиграција.

„Потребни ни се законски опции за насочен увоз на работна сила од земји надвор од Европската Унија“, најави Dehoga.

Претставниците на угостителскиот синдикат сметаат дека проблемот лежи во лошите услови за работниците во оваа гранка, пред сè во ниските плати.

„Почетокот и крајот на дискусијата за доволно работници е прашање на платите на вработените во угостителството, кои често се на минимална саатница или само малку повеќе од тој износ“, рече Гвидо Цајтлер, претседател на синдикатот на вработени во угостителството NGG.

Една анкета на NGG меѓу членовите покажа дека две третини од оние кои се вработени во угостителската индустрија не гледаат долгорочна перспектива за себе во таа гранка.

Цајтлер смета дека тоа долгорочно може да донесе дополнителни проблеми во угостителството и хотелиерството.

Според него, минималните месечни плати во угостителството првично треба да изнесуваат најмалку 3.000 евра бруто.