Германија е во самиот врв во Европа по личното богатство акумулирано во вредност поголема од 16 билиони евра, покажа истражување на швајцарски институт, истакнувајќи го понатамошното продлабочување на јазот меѓу богатите и сиромашните.

И покрај падот на економската активност личното богатство растело во 2020 година, првата година од пандемијата, се наведува во истражувањето во кое се опфатени 16 земји на ЕУ и Швајцарија, пренесува Сибиз.

Германија преводи во Европа со лично богатство од 16,4 билиони евра, а следат Франција со 12,6 билиони и Британија и Италија со по десет билиони, покажува истражувањето на Ридизајнинг фајненшал сервис (РСФ), институт со седиште во Цирих.

Реалниот бруто домашен производ на 16 земји од ЕУ и Швајцарија се намалил во пандемиската 2020 година 6,4 отсто, додека личното богатство пораснало за 3,9 отсто, на рекордни 69 билиони евра.

Тоа покажува дека јазот во богатството меѓу богатите и сиромашните се зголемува, а таквиот тренд според проценката на авторите на истражувањето ќе продолжи.

Според извештајот за богатството во Европа, Германија го има и најголемиот број на милионери, 2,9 милиони, а ја следат Британија и Франција со по 2,5 милиони.

Швајцарија предводи во уделот на милионери, кој достигнува 14,1 отсто, што значи дека приближно секој седми граѓанин припаѓа на таа група.

Истражувањето покажало и сè поизразена концентрација на богатството. Така во сопственост на најбогатите десет отсто европски домаќинства е околу половина од нето европското богатство. Најбогатите еден отсто од Европејците се сопственици на 19 отсто од вкупното богатство.

Институтот РСФ го формираа во 2016 година универзитетот во Сент Гален, универзитетот ЕТХ во Цирих и консултантската куќа ЕЈ, а фокусиран е на нови бизнис модели на финансиските услуги засновани на технологијата.