Германската држава никогаш немала толку високо ниво на долг: во првиот квартал порасна за 1,6 отсто, на повеќе од 2.406 милијарди евра. Борбата против енергетската криза, како и последиците од војната во Украина, играат голема улога овде.

Долгот во вкупниот јавен буџет во Германија достигна рекордно ниво на крајот на првиот квартал од оваа година. Според Федералниот завод за статистика, главната причина се пред се зголемените расходи во борбата против енергетската криза.

Вкупниот државен долг на федерално, провинциско и општинско ниво, вклучувајќи го и долгот за социјално осигурување, на 31 март изнесуваше околу . Споредено со крајот на 2022 година, ова е зголемување од 1,6 отсто или околу 39 милијарди евра.

Само долгот на федералната држава во првите три месеци од годинава е зголемен за 2,4 отсто на околу 1.660 милијарди евра. Федералното биро за статистика соопшти дека зголемувањето на долгот првенствено се должи на „зголемените потреби за финансирање како резултат на актуелната енергетска криза поврзана со руската агресивна војна против Украина“.

Одлив на странски капитал

Во текот на минатата година странските компании се откажаа од инвестирање во Германија, додека милијарди евра ја напуштија земјата, објави Германскиот економски институт (IV).

Околу 125 милијарди евра (132 милијарди долари) директни инвестиции се одлеаа од најголемата европска економија во 2022 година, повеќе отколку што беше инвестирано во Германија од странство во истиот период.

Тоа е „најголемиот нето-одлив досега забележан во Германија“, се вели во извештајот на Германскиот економски институт.

Речиси 70 отсто од парите на германските компании се слеале во други европски земји, покажува извештајот.

„Бројките се алармантни, во најлош случај ова е почеток на деиндустријализацијата“, предупредуваат од Институтот.

IV рече дека негативниот тренд започна пред пандемијата Ковид-19, со влошување на состојбата како резултат на енергетската криза во ЕУ.

Според извештајот, недостатокот на квалификувани работници им ставил огромен товар на германските компании. Дополнително, инвестициските програми како што е Законот за намалување на инфлацијата во Соединетите Држави „ги направија инвестициите надвор од Германија попривлечни“.

„Условите за инвестирање во Германија неодамна повторно се влошија поради високите цени на енергијата и зголемениот недостиг на квалификувани работници“, рече економистот IV Кристијан Руше, посочувајќи на високите даноци на претпријатијата, надуената бирократија и лошата инфраструктура.

„Со цел Германија во иднина повторно да стане главна адреса за странски инвестиции, германската влада итно треба да преземе контрамерки.

Тоа ретко се случува, но Германија сега изгледа како болниот човек на Европа. Ова е фраза со која често се опишува економијата на Велика Британија, потсетува „Форбс“.

Со други зборови, во текот на 2023 година, германската економија би можела да падне во рецесија во секој квартал. Со оглед на тоа дека станува збор за најголемата европска економија, аналитичарите предвидуваат дека овој ефект негативно ќе се одрази и на другите економии во Европската унија.

За разлика од тоа, Бундесбанк во својот месечен извештај во понеделникот наведе дека рецесијата во Германија се очекува да заврши напролет, со благ пораст на бруто домашниот производ во вториот квартал.

„Приватната потрошувачка треба да го допре дното“, пишуваат во извештајот експерти од германската централна банка

Милијарди за кочење на цените на гасот

Околу 200 милијарди евра се резервирани за т.н кочница на цените на гасот и финансиска поддршка за снабдувачите со енергија. Зголемувањето на долгот затоа најмногу е резултат на дополнителни буџети создадени за таа цел, т.н посебен имот.

Во ноември минатата година беше формиран Фондот за енергетска економска стабилизација. Само тој посебен фонд во првите три месеци од оваа година доведе до зголемување на јавниот долг за 73 отсто – за 22 милијарди евра, на вкупно 52 милијарди евра, пренесе агенцијата Ројтерс. Дополнително, долгот за ублажување на последиците од пандемијата се зголеми за 53 милијарди, а беше формиран посебен фонд со расходи од 802 милиони евра за потребите на армијата на германскиот Бундесвер.

Најголем пад на долгови во Баварија

Кога станува збор за покраините, забележано е мало намалување на долгот за 0,5 отсто, на вкупно 604 милијарди евра. Најмногу ги намалила задолжувањата Баварија, за 16,8 отсто, односно на околу 32,45 милиони евра. Северна Рајна Вестфалија има најголем долг – но и најмногу жители. Зголемување има за околу три проценти, на вкупно 236 милиони евра.

Во просек тоа значи дека долгот по жител на Германија е 13.065 евра.

Наспроти развојот во покраините, се зголеми долгот на општините. Таму е забележан раст од 1,9 отсто, на 143 милијарди евра.