Германската државна банка KФВ објави дека продаде 110 милиони акции на Дојче Телеком, а приходите од 2,43 милијарди евра треба да бидат насочени кон зајакнување на капиталот во Дојче Бан и модернизирање на железничката мрежа.

Акциите се продадени по цена од 22,13 евра, а пакетот одговара на сопственички удел во Дојче Телеком од 2,2 отсто, се наведува во соопштението на KФВ објавено во понеделникот вечерта. Цената на акциите на Дојче Телеком беше 22,64 евра на крајот од вчерашното тргување на берзата, објави Ројтерс, пренесува Хина.

Продажбата е извршена по забрзана постапка, а акциите се пласирани кај институционални инвеститори, се вели во соопштението. KФВ и Владата по продажбата ќе го задржат статусот на најголеми акционери, со вкупен удел од околу 27,8 отсто, соопшти Министерството за финансии, додавајќи дека не планираат да го менуваат.

 

 

Федералната влада ќе ги искористи нето приходите од трансакцијата за зајакнување на капиталот во Дојче Бан и за проширување на железничката инфраструктура во Германија, соопшти Министерството.

Во февруари KФВ продаде 50 милиони акции на логистичката компанија ДХЛ за 2,17 милијарди евра. Германската влада планира да собере до четири милијарди евра оваа година со продажба на удели во компании, според документите на Министерството за финансии што ги видел Ројтерс.