Поради растот на инфлацијата во Германија, опозицијата предложи да се ограничи цената на донерот, омиленото јадење кое стана популарно благодарение на имигрантите од Турција во 70-тите години на минатиот век.

Како што пренесува „Бизнис инсајдер“, цената на овој популарен оброк е повеќе од двојно зголемена поради зголемената инфлација, поради што германската левичарска партија (Die Linke) му предложила на канцеларот Олаф Шолц неговата цена да биде ограничена.

Германскиот канцелар постојано ја отфрли можноста за воведување ценовни ограничувања и владина интервенција на пазарот.

Во Германија, која има над 83 милиони жители, годишно се продаваат околу 1,3 милијарди порции ќебапи, чија просечна цена е околу осум евра. Пред две години просечната порција донер беше околу четири евра.

„Владата мора да интервенира за да спречи донерот да стане луксузна храна за богатите“, вели Кети Гебел, портпаролка за младински прашања во германската левичарска партија.

Оваа партија планира да и предложи на Владата цената на донерот да се ограничи на 4,9 евра, односно 2,9 евра за студентите и младите кои имаат недоволни приходи, а владата би обезбедила субвенции за цената. Владата во Берлин во февруари објави дека цените на храната во земјата растат поради поскапувањето на енергијата и зголемувањето на платите.

„Високата кирија на простории, енергија и храна се најголемите трошоци на продавниците за донер. Доколку се намалат, ќе падне и цената на донерот. Цената на донерот ќе остане висока ако владата не преземе ништо“, вели Кети Гебел.

За овој проблем претходно зборуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој изјави дека секогаш каде и да оди ги прашува младите за промената на цените на донерот.

„Разговарајте со Путин, платив осум евра за донер“, му дофрлил еден од случајните минувачи во 2023 година.

Канцеларот Шолц претходно ја отфрли можноста за владина интервенција и поставување на ценовни лимити. Тој ја пофали Европската централна банка за борбата против инфлацијата. Сојузниот завод за статистика соопшти дека инфлацијата во Германија се зголемила за 5,9 отсто во 2023 година, а цените на енергијата се зголемиле за 5,3 отсто минатата година. Како резултат на тоа, цените на енергијата во Германија се зголемија за 29,7 отсто до 2022 година.

Студијата спроведена во Шкотска во 2009 година покажа дека донерот е меѓу најнездравите оброци на таканаречената улична брза храна. Имено, студијата покажала дека просечниот донер ќебап содржи 98 отсто од препорачаниот дневен внес на сол за возрасни и дури 150 отсто од препорачаниот дневен внес на заситени масти за возрасен.