Откако 30.000 граѓани од ранливите категории останаа „невидливи“ за институциите и не успеаја да добијат помош од 6.000 денари, Владата го премости проблемот со обезбедување посебна сметка. 

– Донесовме Одлука за дополнување на Одлуката за отворање посебна наменска сметка за лицата што не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои поради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица што вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници – информираа од Владата.

Во меѓувреме, бавно и полека, тече и разгледувањето на 78.000 приговори и деновиве на ажурираната корисничка листа се поставени уште 2.000 имиња. Иако од Владата постојано нагласуваат дека поддршката продолжува и никој нема да биде изоставен, креаторите на мерките од четвртиот економски пакет, случајно или намерно изумија дека социјално ранливите категории, во кои спаѓаат и пензионерите, имаат тешкотии да се справат со новите технологии (имејл, веб-страници, социјални мрежи). Затоа и многумина од нив ги пропуштија сите рокови, навреме не ги ажурираа банкарските податоци, а некои од нив, во меѓувреме починаа.

Кусите рокови, неповрзаноста на институциите, неажурирањето на податоците и недоволната соработка, се само мал дел од проблемите што ги проследија сите четири економски пакети, кои државата ги креираше за да ги ублажи проблемите од ковид-кризата. Сето ова го зголемува револтот на граѓаните, кои мора да минуваат низ „иглени уши“ за да добијат парче од колачот кој е наменет за нив. Само да се потсетиме, во првиот пакет неоправдано без изоставени илјадници лица, кои според номенклатурата на Агенцијата за вработување се нарекуваат пасивни баратели на работа. Ставањето во тој кош не само што не им донесе работа, туку напротив двојно ги онеправди, па тие не добија ниту платежна корона-картичка.  Револтот беше голем, а не се криеше ни разочарувањето од идејата за „еднакво општество за сите“. Најголемиот срам од втората мерка отиде на контото на дел од работодавачите, кои си ја задржаа за себе државната помош од 14.500 денари по вработен за исплата на платите за април и за мај. Аферата стаса и до Јавното обвинителство, ама без некое големо фајде за вработените.

За третиот пакет кој содржеше платежни картички и ваучери за туризам, до министерствата за финансии и за економија пристигнаа десетици илјади приговори и голем дел од нив не добија разрешница. Проблемот беше во тоа што институциите од кои се црпеа податоци, повторно не ги „препознаа“ сите оние на кои со Уредбата со законска сила им следуваа ваучери и картички. Институциите од кои се црпеа податоци – УЈП, Агенцијата за вработување, министерствата за образование, труд и социјала и за економија, како и Фондот за здравствено осигурување – повторно не беа на висина на задачата. За жал, приближно 50.000 туристички ваучери останаа неискористени, иако имаше обиди да се направи шема за нивно препродавање за кеш. Жално, но вистинито, дел од газдите, успеаја да ја „предриблаат“ помошта за исплата на платите и од четвртиот пакет и повторно на тапет се најдоа 179 вакви фирми.

Четирите економски пакети во бројки тежеа околу 1милијарда евра, но процените на познавачите се дека помалку од 50 проценти од нив, реално стигнале до граѓаните и до компаниите. Петтиот пакет економски мерки за граѓаните и за компаниите за справување со последиците од корона-кризата е сѐ поизвесен, според најавите што доаѓаат од Владата.

– Нов пакет мерки ќе има, кризата ќе опстојува најмалку до првиот квартал. Владата ќе развие нови пакети врз основа на социјален дијалог, во кој се вклучени и компаниите и работниците преку синдикатите – најави премиерот Зоран  Заев.