Каматните стапки на кредитите продолжуваат да се намалуваат и во март се спуштија на 4,70 проценти, што претставува годишен пад од 0,45 процентни поени. За разлика од нив, каматите на депозитите остануваат практично непроменети, на ниво од 2,18 проценти, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Или додека кредитите постепено поевтинуваат, штедењето останува без значајни поместувања.

Во периодот март 2025 – март 2026 година трендот на намалување кај кредитите е постојан. Просечната каматна стапка опаѓаднала од 5,15 на 4,70 проценти. Тоа значи дека кредитите се поевтини за речиси половина процентен поен во однос на лани, што директно ја олеснува цената на задолжувањето за граѓаните и за компаниите. Инаку, месечната промена е минус 0,03 процентни поени.

Намалување има и кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, но само на месечно ниво – за 0,28 процентни поени. На годишно ниво има раст од 0,15 п.п., а стапката во март изнесува 4,41 процент.

Кај депозитите, пак, движењата се минимални. За еден месец стапката опаднала за 0,01 процентен поен. Во март лани и во март годинава стапката е иста, а највисокото ниво од 2,21 процент е забележано во мај, јули и декември. Со други зборови, штедачите не добиваат поголем стимул за повисоки приноси.

За новите депозити доверени на банките се пресметува просечна стапка од 2,28 проценти, зад која стои месечен пад од 0,13 п.п. и годишен раст од 0,04 проценти поени.

Кај домаќинствата, просечната камата на кредитите се намалила на 5,08 проценти, а проследена е со месечна промена од минус 0,02 п.п. и годишен од 0,43 процентни поени. Причината се лоцира во поевтинувањето на денарските кредити со и без валутна клаузула, како и на девизните кредити. Кај новоодобрените кредити стапката се спуштила на 4,69 проценти (во март се намалила за 0,07 п.п), додека годишна промена – нема.