Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити како најзастапени категории е забележан месечен раст од 0,9% и 1,4%, соодветно, при годишен раст од 7,2% и 15,5%, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се намалени за 0,3% и 15,9%, на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички оствариле месечен и годишен пад од 0,8% и 8,5%, соодветно.

Во декември 2021 година, вкупните депозити во Македонија  се зголемени за 2,7% на месечна основа, при годишен раст од 7,8%. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај секторот „домаќинства“, покажува најновиот извештај на Народната банка.

Овој месец, кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 1,7%, којшто во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 8,3% и е резултат на повисоките кредити на двата сектора, при малку поголем придонес кон растот на корпоративниот сектор.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во декември, се повисоки за 3,9% на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел се должи на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст на краткорочните депозити во денари, а во услови на забележан пад кај долгорочните депозити во денари и во странска валута. Споредено на годишна основа, овие депозити се зголемени за 11,6%, како резултат на зголемените депозитни пари, краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, додека кај краткорочните и долгорочните депозити во денари е забележан пад.

Овој месец, вкупните кредити на корпоративниот сектор остварија месечен и годишен раст од 3,1% и 8,7%, соодветно. Анализирано според валутата, остварен е раст на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити во месечната и во годишната промена.

Во декември, вкупните депозити на домаќинствата се зголемени за 2,2% на месечно ниво. Притоа, месечниот раст главно е резултат на повисоките депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при забележан помал раст и кај долгорочните депозити во странска валута и остварен пад кај долгорочните и краткорочните депозити во денари. Споредено на годишно ниво, овие депозити се повисоки за 7,1% како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, при помал раст и кај долгорочните депозити во странска валута, додека долгорочните и краткорочните депозити во денари бележат пад.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат раст за 0,4% на месечно ниво, којшто во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Гледано на годишно ниво, кредитите на домаќинствата се зголемени за 7,8%, како резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Во декември 2021 година, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити како најзастапени категории е забележан месечен раст од 0,9% и 1,4%, соодветно, при годишен раст од 7,2% и 15,5%, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се намалени за 0,3% и 15,9%, на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички оствариле месечен и годишен пад од 0,8% и 8,5%, соодветно. Во декември, негативните салда на тековните сметки бележат месечен пад од 9,6%, при остварен годишен раст од 1,5%, додека кредитите одобрени врз други основи се пониски за 2,6% и 32,5% на месечна и на годишна основа, соодветно.