И покрај растечките очекувања дека дел од најголемите производители на нафта од ОПЕК ќе го зголемат производството, од „Goldman Sachs“ продолжуваат да сметаат дека цената на суровината ќе ја мине границата од 80 долари за барел.

Вчера, фјучерсите на нафтата бележат благ пораст, но денес тие продолжија со опаѓање од претходната недела. Главната причина за ова е ескалацијата на тензиите во трговските односи меѓу САД и Кина.

Друга причина што од аналитичарите од „Goldman“ ја истакнуваат е дека се очекува земјите од ОПЕК и Русија да ја зголемат својата дневна екстракција со 1 милион барели до крајот на 2018-та година и со нови 500.000 барели за првото полугодие од 2019-та година.

Земјите производители од ОПЕК ќе се состанат за два дена за да разговараат за нивните политики во наредните месеци, како и нивните дневни приноси.

„Нашата анализа продолжува да укажува на намалување на резервите на нафта. Затоа ја потврдуваме нашата претходна прогноза за летото, а тоа е дека цената на суровата нафта од Брент ќе биде 82,50 долари за барел“, изјавија од „Goldman Sachs“ за „CNBC“.

И покрај ризикот од движење на цената во обратна насока, од „Goldman“ потсетуваат и за проблемите со производството на нафта во земјите, како Иран и Венецуела.

Нафтата од сортата Брент се тргува во моментов по цена од 74.65 долари за барел, или со 0.92 отсто пониско од вчера. Американската сурова нафта бележи пад од 0,93 отсто на 65,24 долари за барел.