Ширењето на вештачката интелигенција на Волстрит носи ризик идните генерации банкари и трговци да ги загубат дел од своите аналитички и расудувачки способности доколку премногу се потпираат на новите технологии, предупредува Крис Черчман, партнер во Голдман Сакс и раководител на дигиталната платформа Marquee.
Черчман, кој е вклучен во еден од главните проекти на банката поврзани со вештачка интелигенција, вели дека постои „огромна опасност“ луѓето постепено да го препуштат сопственото расудување на AI-моделите.
Според него, како што современата технологија со текот на времето влијаела врз способностите на луѓето за навигација или помнење, така и банкарите би можеле да ги ослабат своите аналитички способности ако алгоритмите ја преземат најголемата тежина во нивната работа.
„Расудувањето и натаму е важно. Треба самите да размислувате за проблемите, да ги структурирате и да изградите аргумент“, порача Черчман во подкастот „Exchanges“ на Голдман Сакс.
Финансиските институции на Волстрит сè повеќе ја интегрираат вештачката интелигенција во тргувањето, банкарските процеси и анализите. Иако тоа може да ја зголеми продуктивноста и профитабилноста, Черчман предупредува дека автоматизацијата може да го наруши традиционалниот систем преку кој младите банкари стекнуваат искуство работејќи под надзор на поискусни колеги.
Тој посочува дека голем дел од знаењето во финансиската индустрија никогаш не било запишано во прирачници, туку се стекнувало преку практична работа и искуство.
Како пример ги наведува младите трговци кои учат како да реагираат на барањата на клиентите додека работат под надзор на искусни колеги. Иако таквите задачи можат целосно да се автоматизираат, според Черчман останува прашањето дали во иднина ќе има доволно искусни трговци кои целосно ќе ги разбираат ризиците и процесите.
Поради тоа, системите со вештачка интелигенција треба да бидат дизајнирани така што луѓето и натаму ќе ги носат клучните одлуки, особено во ситуации со висок ризик и голема неизвесност.
Черчман признава дека ниту Голдман Сакс сè уште нема целосно утврдено како ќе го балансира користењето на AI со човечкото учество.
Еден од најголемите предизвици, според него, е точноста на информациите што ги генерира вештачката интелигенција. Во финансискиот сектор, каде што грешките можат да имаат сериозни последици, одговорите мора да бидат целосно фактички точни и проверливи.
При развојот на AI-платформата Marquee, која засега е достапна само за вработените во Голдман Сакс, Черчман вели дека системот во еден момент самиот признал оти е „подобар во тоа да звучи темелно отколку навистина да биде темелен“.