„Работата во секторот со ниски плати за странските работници често е повеќе замка отколку отскочна даска“, велат авторите на студијата објавена во вторник од Советот на експерти за интеграција и миграција (СВР), пишува dpa.

Анализата го разгледува планот на германската влада да им дозволи на странските работници осум месеци работа годишно без оглед на нивните квалификации.

Инаку, министерот за труд Хубертус Хајл и шефицата на дипломатијата Аналена Бербок моментално се на турнеја во Јужна Америка каде, меѓу другото, договараат за доаѓање негувателки и квалификувани работници за работа во Германија.

Одредени сектори во економијата како градежништвото, земјоделството, прехранбената индустрија и домашната нега не би можеле да опстанат без странски работници.

Сепак, тие работат за најниски плати, под најтешки услови и без можност за напредување и често се соочуваат со системски прекршувања на правата, се вели во студијата.

Затоа експертите препорачуваат странските работници да добијат целосни информации за правата и механизмите за заштита.

Дополнително, треба да се дозволат колективни тужби бидејќи тоа ја зголемува шансата, на пример, групи работници од Источна Европа кои зборуваат малку германски, да се заштитат од големите работодавци, пренесува b92.