Од „Гласен текстилец“ стравуваат дека секоја индустриска гранка ќе може да ги злоупотреби измените во Законот за работни односи, со тоа што ќе се правда дека нивното работење е од стратешко значење

Можно ли е зголемување на апетитите и на други индустрии, по сесрдното „пробивање на патот“ за 60 часовна работна недела за градежните работници кои ќе бидат ангажирани на Коридорите 8 и 10Д? Граѓанските активисти стравуваат дека секоја индустриска гранка ќе може да ги злоупотреби измените во Законот за работни односи, со тоа што ќе се правда дека нивното работење е од стратешко значење. Тие не веруваат дека власта ќе се држи до ветеното, оти во изминатиот период имаше неколку пробиви на опфатот за неработната недела. Така првичната благородна идеја, според Кристина Ампева, претседател на „Гласен текстилец“ содаде „еден Франкенштајн закон со над 47 дејности кои може да работат, плус моловите“.

-Нема да дозволиме да се врати нешто кое го укинавме минатата година пред Уставен суд! Очигледно е дека нашите власти се ажурни само кога треба да се уназадат човечките и работничките права. Но ние ќе ги потсетиме дека имавме една успешна иницијатива за недела неработен ден, а во меѓувреме со амин на синдикатите беше упропастена. И сега секој ќе може да си додава дејности кои ќе работат во недела, или секој ќе си измислува дека е од стратешки интерес за државата, па тоа ќе го додава за да се работи во недела – реагира Ампева.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е децидна дека со измените и дополнувањата на Законот за работни односи, се предвидува ангажирање на работници за прекувремена работа со нивна согласност. Оваа одредба би била неуставна, додаде таа, само доколку 60-часовната недела се однесува на сите работници.

-Неуставна одредба е ако донесеме право на сите работници. Кај нас неделното работно време е 40 часа. Овде велиме за исклучителни проекти, за проекти кои се од стратешки и национален интерес на државата. Не за сите работници. Само онаму каде што процесот бара да биде завршен во одредено време, затоа што во градежништвото има работи каде што не се дозволува да има одмор, додека не се заврши процесот. Во тој случај се дозволува прекувремена работа на работниците. Тоа е предлогот којшто е даден во Собранието – појасни Тренчевска.

По повеќе од една година откако неделата стана неработен ден за најголем дел од вработените во државата, во тој ден работат специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Работат и продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун, продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадрати. Продажба во недела е дозволена и на штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои продава лично само сопственикот на продавницата и на зелените пазари. Во исто време без никакви законски измени проработеа и повеќе други маркети на поголемите трговски синџири во рамки на помалите молови. Од друга страна се уште важи забраната за неработење на малите пекарници и на занаетчиите.

Ќе се зголемат ингеренциите на пазарните инспектори

Пазарните инспектори ќе добијат зголемени ингеренции, а за прекршителите ќе има повисоки казни. Новите овластувања ќе им овозможат на инспекторите да ги одземаат производите кои наместо во продажба ги чуваат по магацинитете, а ќе се зголемат и казните за прекршителите. Во моментов, глобата за непочитување на владината одлука за пуштање во промет на најмалку 70 отсто од количествата продадени во јануари и февруари е само 1.200 евра со оглед дека станува збор за субјекти до 50 вработени.

Евидентно е дека увозниците не се согласуваат со замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето и затоа ја кријат стоката, а трговците и покрај нагорната корекција, не ги продаваат по замрзнатите цени. Пазарниот инспекторат веќе констатира голем број прекршоци и кај увозниците и кај трговците на големо и мало. За два дена беа направени над 300 контроли, а најголемиот дел од компаниите ќе добијат казни. Најдени се и големи количини овошје и зеленчук кои наместо на рафтови, се криеле во магацините, меѓу кои и 300 тони грав.