Град Скопје: Исцрпени се средствата за субвенционирање на печки на пелети

2018-11-07 10:23

Исцрпени се средствата предвидени за субвенции за купување печки на пелети во главниот град, соопшти Град Скопје.

Во Град Скопје денеска до 16 часот се пристигнати 200 барања. Со ова, условот за завршување на јавниот повик е исполнет, а барања на граѓаните за субвенции за купување печки на пелети вработените во архивата на Град Скопје нема да примаат.

Со јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на главниот град за купување печки на пелети, граѓаните имаа можност да набават печки на пелети, а Град Скопје да ги субвенционира во висина од 70 отсто од вредноста на печката, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.

За овој втор јавен повик во 2018 година за субвенции за купување печки на пелети во Буџетот на Град Скопје беа предвидени околу 5 милиони денари. Претходно, во мај годинава беа доделени 187 субвенции.

-Субвенционирањето на купување печки на пелети ги стимулира жителите на Град Скопје (домаќинствата) за примена на почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот и е една од мерките што придонесува за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, се наведува во соопштението од Град Скопје.