Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција води предистражна постапка за измама со фиктивна наплата на ДДВ, објави порталот МКД, додавајќи дека се работи за синџир од фирми што меѓусебно фиктивно си издаваат фактури, при што никој никому ништо не плаќа, освен што државата го исплаќа ДДВ-то.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформен предмет што е во предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката во моментов не можеме да споделиме детали. Ви благодариме на разбирањето“, гласи одговорот што МКД го добил од обвинителството.

Како што открива порталот, на распит во полиција веќе биле неколкумина вработени во УЈП, а полициските истражители се интересирале за неколку фирми што меѓусебно фактурирале големи суми пари.

„Фактури што никогаш не биле платени, но затоа пак државата редовно го плаќала ДДВ-то. За ова да биде лесно спроведливо, задолжително треба да се има најмалку барем еден човек во УЈП, кој само треба понекогаш да замижи, да не испрати контрола кај тој што ги издава фактурите. Побарувањата застаруваат по три години, а рокот за проверка на барањето за поврат на ДДВ е 30 дена“, пишува МКД.

Порталот посочува дека се работи за фирми од градежната дејност и од нафтениот бизнис, а најголемиот број на фирми од овој ланец биле регистрирани во Струмица, Кавадарци, Неготино, Мала Речица, Сарај… Што се однесува до нивните меѓусебни фактури, додава МКД, тоа се фактури за услуги.

„Вообичаено фирмите кои имале големи побарувања од „партнерската“ фирма, за неколку месеци згаснувала. Вредноста на целиот овој „бизнис“ се проценува на повеќе од 90 милиони евра. Откако е воведен ДДВ во Македонија (април 2000 година) оваа шема и досега неколку пати беше откриена, но предизвикот за лесна заработувачка кога сите „коцки“ ги имате наместено станува лесно примамлив“, пишува МКД.

Во однос на тоа, реагираше Управата за јавни приходи, која го потврдува случајот, со тоа што појаснува дека „не станува збор за афера на УЈП,  туку за утврдено незаконско работење сторено од даночни обврзници кои УЈП ги детектираше уште во јули 2021 година.

„На 26 јули 2021 година  информирани се надлежните институции за случувањата и мерките по што се преземаа и други дејства, а целокупната документација од страна на УЈП уште веднаш е предадена на надлежните институции. Апелираме да не се шпекулира со непотврдени информации и бројки затоа што во тек е постапка пред надлежни институции и секоја шпекулација може да нанесе штетни последици на целиот процес“, се вели во реакцијата на УЈП“, се наведува до реакцијата на Управата.

Неодамна, за ваква афера говореше и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, но првичните обвинувања тој и од неговата партија не изнесоа конкретни детали околу случајот.