Градежниците бараат од Владата, Данокот на додадена вредност за продажба на становите до 2023 – та година да остане пет отсто. Бизнисмените членки на Сојузот на стопански комори велат дека ако се врати ДДВ – то на 18 отсто ќе поскапи квадратен метар станбен простор во земјава.

„Да не се доведеме во позиција дополнително да поскапат становите со кои ќе има и контра ефект и намалување на производство на станови. Целта е да се пролонгира тој рок и имаме ветување дека тоа ќе се заврши брзо“, вели Ивица Јаќимовски – претседател на градежна комора при ССКМ.

Јаќимовски вели дека ако се намали изградбата на станови, ќе има намалување на приходите во државната каса по основ на придонеси од персонален данок, оти компаниите ќе треба да отпуштаат вработени.

Од оваа комора барат и дозволите за градба да се добива во законскиот рок од дваесет дена, но и на едно место да се поднесуваат и останатите документи потребни за градење.

Бараат и општините да ги ревидираат Деталните урбанистички планови, а пред да дадат маркица за градба, тоа да биде плански и со соодветна инфраструктура.

„Наша цел е да излеземе во пресрет на сите кои имаат предлози. Посебно коморите, на институциите како и на експерти кои ги даваат нивните предлози на ЗЕЛС, на општините да ги земеме во предвид нивните барања, а посебно во олеснување на процедурите и во Закон за градење, но и во сите документи кои ги носи министерството или парламентот“, рече Горан Сугарески -министер за транспорт и врски.

Јакимовски вели дека стандардите и квалитетот треба да биде на високо ниво. Вели дека становите кои се градат во земјава се квалитетни, но оние кои го злоупотребиле Законот и увезувале неквалитетен бетон треба да се санкционираат. Инспекторите според него може во секое време да одат на терен да земат примероци и да ги проверат квалитетот на високоградбите низ земјава.