Германските компании ја гледаат земјава како добра можност за инвестирање, но и како соодветно место за префрлање на своето производство од оние земји кои се несигурни поради руско-украинскиот конфликт. Сепак, се уште забележуваат на недоволно брзите бирократски процедури.

Како што рече денеска в.д. амбасадорот на Германија Ото Граф, секој што води бизнис и произведува, има интерес постапките да бидат што поефикасни. Онаа земја што тоа ќе го понуди, ќе ги привлече инвеститорите.

-Се надеваме дека Северна Македонија ќе ги поедностави и забрза сите постапки. За сите германски фирми тука, Северна Македонија е одлично место за производство. Руската агресија доведе до тоа да се префрли производството на други места. Северна Македонија е преферирано место за префрлање на производството, а една од причините е што е членка на НАТО и има одредена предност во однос на безбедноста, порача Граф по средбата на германската бизнис делегација со вицепремиерот Фатмир Битиќи во Владата.

Во однос на потребата од работната сила, в.д. амбасадорот напомена дека сите треба да дадат придонес – Владата, образовните инстутуции и германските претпријатија.

-Ако сакате нешто да произведете или да сте активни, може да видите што има на пазарот или да ја преземете одговорноста и тоа е она што го прават германските фирми – го поддржуваат дуалното стручно образование, не чекаат доволен број работна сила, туку сами придонесуваат во таа насока за да се осигураат дека ќе има доволно квалификуван кадар и во иднина, подвлече Граф.