На јавниот повик можат да се јават земјоделските стопанства што произведуваат и продаваат храна од животинско потекло наменета за директно снабдување со активности од локален карактер и во одредено географско или економско ограничување, како и традиционални методи на производство и преработка.

Право на учество на јавниот повик имаат земјоделски стопанства запишани во регистарот на Министерството за земјоделство и се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско потекло, во Агенцијата за храна и ветеринарство. Со овој повик не се опфатени пчеларите и производителите на вино, пиво и жестоки алкохолни пијалаци.

Финансиската поддршка е до 600.000 денари по корисник за трошоци за набавка на опрема за производство, доработка и преработка на храна во висина до 90 проценти или трошоци за ангажирање стручно лице технолог до 10 проценти од вкупниот износ на одобрените средства.

Покрај другите документи, треба да се достави и деловен план. Добиените пари се исплаќаат авансно во вкупниот износ на сметката на корисникот, а крајниот рок за доставување на барањата е 25 дена од 27-ми февруари, денот кога е објавен јавниот повик.