Грција воведува олеснувања на капиталните ограничувања наметнати од летото 2015-та година, зголемувајќи ја границата за повлекување пари од банките за 28%. Ова е објавено од страна на „Ројтерс“, наведувајќи го декретот на Министерството за финансии.

Атина за прв пат воведе контрола на капиталот во јули 2015-та година за да го ограничи повлекувањето на средствата од банките кога го достигна „врвот“ на својата финансиска криза.

Владата на премиерот Алексис Ципрас постојано се спротивставуваше на политиките за финансиски ограничувања на грчките меѓународните кредитори, но на крајот склучи трета последователна спасувачка програма за земјата. Оваа шема завршува во август оваа година.

Според соопштението на Министерството за финансии, објавено во државниот весник на Грција, приватните лица ќе можат да повлечат до 2.300 евра во кеш месечно од своите банкарски сметки. Претходно, границата беше 1.800 евра. Новата мерка ќе стапи на сила од денеска, 1-ви март.

Предвидено е и зголемување на дозволените износи во кеш – евра или друга валута, кои Грците ќе можат да извезуваат во странство при патување од 2.000 до 2.300. Банките пак веќе ќе имаат право да ги пренесат до 2.000 евра по клиент од сметки од една држава во друга на секои два месеца.

„Одлуката е следниот чекор во патоказот за постепено отстранување на ограничувањата за повлекување готовина и трансферот на средства“, рече Министерството за финансии.

Минатиот мај грчките власти изготвија план за олеснување на контролите на капиталот, а нејзиното спроведување зависи од неколку фактори. Според властите, за да стапи на сила целосно отстранување, треба да има зголемена доверба меѓу депозиторите, која се рефлектира преку зголемување на банкарските депозити на приватниот сектор и континуиран напредок со програмата за корекција на економијата на земјата.

Исто така, треба да се обнови пристапот до финансиските пазари за државните и приватните банки.