Светските влади треба да размислат за „солидарно“ оданочување на поединците кои се збогатија за време на пандемијата на вирусот корона, со цел да се намали екстремната нееднаквост во светот, изјави вчера генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

“Ние мора да се осигураме дека парите се насочени таму каде што се најпотребни. Најновите откритија ни сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот е зголемено за 5.000 милијарди долари во изминатата година”, рече Гутереш на седницата на ООН за развој на финансирање.

Тој повтори дека групата 20 најбогати земји во светот треба да го продолжи мораториумот за сервисирање на долгови до 2022 година и да го прошири со цел да им помогне и на земјите во развој и на оние со средно развиена економија да се опорават од пандемијата, пренесува ХИНА.

„Не смееме да бидеме задоволни со олеснување на отплатата на долгот, но мора итно да ја зајакнеме архитектурата на меѓународното задолжување со цел да ги запреме смртоносните циклуси на должнички обврски, глобалната должничка криза и изгубените децении“, нагласи генералниот секретар на ООН.

Тој го повтори својот повик вакцините за ковид-19 да бидат достапни за сите земји и да се обезбедат дополнителни пари за финансирање на фондот за дистрибуција на вакцини COVAX.

“Инсистирањето на еднаквост во глобалниот одговор на пандемијата и закрепнувањето е тест за мултилатерализам, на кој во моментов немаме преодна оценка. Само 10 земји во светот имаат околу 75% од вакцините”, првиот човек на ООН посочи.