Делегација предводена од гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, викендов учествува на редовната пролетна средба на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во која членува и нашата земја. Средбата на која учествуваат највисоките претставници на централните банки и министерствата за финансии на петнаесетте земји членки на Конституенцата на чие чело се Холандија и Белгија, годинава се одржува во Сплит, Хрватска, при што домаќини се Хрватската народна банка и хрватското Министерство за финансии. На Конституенцата ќе се обрати и г. Силир Милер, заменик претседател на Групацијата на Светска банка за Европа и Централна Азија, а свое обраќање ќе имаат и г. Антони Де Ланој, извршен директор во ММФ и г. Франк Хемскирк, извршен директор во Светската банка, задолжени за оваа Конституенца.

Стотина учесници, во Сплит разговараат за актуелните прашања од сферата на монетарната, фискалната и развојната политика, кои ги засегаат земјите членки на оваа Конституенца, а се поврзани и со нивната соработка со двете најважни меѓународни финансиски институции. Притоа, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе говори за монетарната политика водена од НБРМ, односно за остварувањето на нејзините цели во изминатиов период, како и за актуелната каматна политика на централната банка.

 

 

Во рамки на разговорите на средбата, посебен акцент ќе биде ставен на секторот „Финтек“ и на поврзаната меѓу развојот на технологијата и финансиската индустрија. Во изминатиов период, внимание и дискусија на оваа тема, НБРМ посвети и преку одделна работилница и преку штотуку завршената 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена како „Време е за дигитализација“, кои дополнително го потврдија настојувањето да не се биде набљудувач, туку учесник во остварувањето на промените поттикнати од трендовите на технолошкиот развој на глобално ниво.

Претставниците на централните банки и министерствата за финансии на петнаесетте земји членки на оваа Конституенца, викендов ќе се фокусираат и на промените во регулативата, работењето и корисчничките права коишто произлегуваат од брзиот развој на технологијата. Притоа се очекува да бидат истакнати и конкретните чекори коишто ги презема Македонија со подготовката на Нацрт-закон за платежни услуги и платни системи од страна на НБРМ и Министерството за финансии. Со овој Нацрт-закон, како што веќе е соопштено, се транспонираат сет на најзначајните регулативи на ЕУ во оваа област и се очекува во нашата држава да се поттикне конкуренцијата на пазарот на плаќања, преку отворање на влезот за компаниите на „Финтек“ коишто можат да обезбедат иновативни платежни услуги, како и да воспостават и да управуваат со нови платни системи.

Покрај учеството на редовните сесии на Конституенцата, во Сплит, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, коишто се очекува да придонесат за натамошен развој на успешната соработка меѓу НБРМ и центролнобанкарските институции на земјите членки на Конституенцата.

Во оваа Конституенца, покрај Холандија, Белгија и домаќинот на годинешнава средба – Хрватска, заедно со Македонија, членуваат и: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина и Црна Гора