Во чест на конститутивната седница на деканската управа на Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг” – Скопје, на 18 октомври 2018 година се одржа дебатен форум на тема „Перспективите за младите лица од полноправното членство на земјата во НАТО и ЕУ ‒ влијанија врз монетарната политика, бизнисот и пазарот на капитал”. На овој форум, свое излагање имаше и гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во коешто укажа пред сѐ на ефектите од процесот на пристапување и од влезот во Европската Унија врз монетарната политика и работењето на централната банка. Во својот осврт, гувернерката посочи на важноста на Европската Унија, како институционално, економско и политичко сидро за целиот регион.

Притоа, таа се осврна на два аспекта. Првиот аспект е прашањето за влијанието на членството во ЕУ врз економијата во целина, а со тоа и предизвиците со коишто би можеле да се соочиме како еден од носителите на макроекономските политики. Вториот аспект го задира прашањето на ефектите од членство во монетарната унија, бидејќи економската интеграција е чекор кон монетарната интеграција и усвојувањето на еврото како единствена валута. На крајот, гувернерката заклучи дека предизвиците за централната банка од овој процес се повеќедимензионални ‒ макроекономски, институционални и оперативни.

Таа истакна дека за побрза интеграција и реална конвергенција е неопходен силен институционален капацитет и свесност на сите носители на политики за потребата од прудентни економски политики коишто ќе овозможат ефективно искористување на големите придобивки што ги нуди членството во Европската Унија.