Глобалната пандемија толку многу влијаеше на бизнисот на шведскиот моден гигант, што во ерата по коронакризата H&M, значително ќе го промени начинот на деловно работење.

И не само тоа, H&M, како втор по големина продавач на облека на планетата, може да започне нов тренд со своите одлуки што многумина несомнено ќе ги следат.

Централната продавница на главниот плоштад во Стокхолм ќе биде нивниот прв малопродажен простор што ќе се промени. Продавницата веќе нема да биде само место каде клиентите можат да купуваат облека, туку на таа локација, на пример, ќе се шијат закрпи за панталони, ќе се изнајмуваат фустани за забави, а просторот во аглите на продавницата ќе се претвори во козметички салони.

Според извештаите на светските медиуми, Хенес и Мауриц, како што е правилното и долго име на компанијата, објавија дека првата третина од оваа година во деловна смисла поминала многу подобро отколку што очекувале. Тие планираа пад на бизнисот затоа што карантините ширум светот ги принудуваа клиентите да купуваат облека повеќе на Интернет.

Иако овој метод на испорака ги намалува нивните трошоци, тоа значи и намалување на потребата за физички продавници. H&M најави затворање на 350 од приближно 5.000 продавници ширум светот оваа година, а планот е да се отворат само сто нови.